ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ, КРИСТОФ ЛЕ РИГОЛЕР: Не постои гаранција, ниту скратен пат во спроведување на реформите

Во фаза сме на забрзување на евроинтеграциите, порачува амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф ле Риголер, во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР. Амбасадорот посочува дека има подготвеност за напредок кон следните фази од преговорите веднаш штом ќе бидат исполнети условите за нивно отворање. Амбасадорот Кристоф Ле Риголер истакнува дека компромисот од 2022 година беше прифатен од сите страни и не ја поткопува кредибилноста на ЕУ, туку напротив – покажува дека процесот продолжува. Тој предупредува дека реториката за изгубена доверба може да биде контрапродуктивна и да го наруши европскиот моментум. Според него, европската интеграција е најсилна гаранција за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и нагласува дека Унијата не ги разводнува идентитетите, туку напротив, им нуди рамка за заштита. Во интервјуто, амбасадорот е дециден дека нема привилегирани, туку Копенхашките критериуми важат подеднакво за сите земји кандидати и дека за ниту една земја не постои гаранција, ниту ќе има скратен пат во спроведувањето на бараните реформи.

323

По повод „Националниот празник на Франција – 14 јули“, кој ги симболизира вредностите на слобода, еднаквост и братство – разговараме со амбасадорот на Франција во Македонија, Н.Е. Кристоф ле Риголер. Во фокусот се предизвиците на македонските евроинтеграции, улогата на Франција како двигател на европската идеја, билатералната соработка, но и важноста на културната размена и заедничките вредности што ги споделуваат двете земји. Во време на зголемени геополитички тензии, Франција се позиционира како клучен поддржувач на реформите и стабилноста на Западен Балкан. Амбасадорот Ле Риголер зборува отворено за можностите, дилемите и реалностите на европскиот пат на Македонија – без политичко затскривање и со јасна дипломатска поддршка.

Амбасадоре, Денот на Франција – 14 јули – не е само национален празник, туку длабоко вкоренет симбол на Француската револуција и универзалните вредности на слобода, еднаквост и братство што го обликуваа не само француското туку и многу други општества ширум светот. Во контекст на современите глобални предизвици и стремежот на Македонија кон европските вредности, каква порака би им испратиле на македонските граѓани по повод овој значаен ден?

Во право сте, овој историски настан носи универзална димензија: отфрлање на тиранијата и вклучување на волјата на народот во животот на државата. Во таа смисла, 14 јули е симбол на раѓањето на модерните демократии, што му дава универзално значење.

На меѓународната сцена, Франција се залага за споделување на вредности: почитување на суверенитетот на државите, предност на правото над силата и развој на соработки.

Пораката што би сакал да им ја упатам на нашите македонски пријатели, како и на сите Европејци, е следнава: во време кога некои универзални принципи се доведуваат во прашање, важно е да се обединиме околу нашите демократски вредности, слободата и човековото достоинство, како и околу граѓанскиот концепт.

Во контекст на забавените евроинтеграции, како ја оценувате моменталната подготвеност на Македонија за отпочнување на кластерите во преговорите со ЕУ?

Не верувам дека може да се зборува за забавување. Напротив, сметам дека се наоѓаме во фаза на забрзување, произлезена од сознанието дека нашата заедничка иднина зависи од нашата способност да се обединиме околу заеднички, корисен и мотивирачки европски проект.

Во однос на подготвеноста на Северна Македонија, ќе напоменам дека земјата усвои амбициозна реформска агенда, благодарение на која стана првата земја во регионот што доби исплата на средства во рамки на Планот за раст на Европската Унија.

Спроведувањето на тие реформи е од клучно значење – не само за членството на Северна Македонија туку и за самите граѓани (поефикасно судство, подобрување на деловната клима, борба против корупцијата итн.).

Јасно кажано, подготвени сме да напредуваме кон следните фази од преговорите веднаш штом ќе бидат исполнети условите за нивно отворање. Затоа Франција обезбедува експертска помош со присуство на тројца експерти во министерствата за европски прашања, правда и животна средина.

Францускиот предлог беше тема на интензивна дебата и отпор во македонската јавност. Многумина во Македонија сè уште го перципираат како компромис кој повеќе одговараше на интересите на една земја членка (Бугарија), отколку на духот на европските вредности. Дали сметате дека со него ЕУ ја загуби дел од својата кредибилност во регионот и како Франција гледа на тоа чувство на недоверба што остана кај дел од македонската јавност?

Она што го нарекувате француски предлог е европскиот компромис од 2022 година, кој Северна Македонија го прифати како суверена држава. И тоа е навистина компромис, нешто што не е целосно задоволително. Но тој компромис е на сила и ја поставува рамката за отворање на преговорите за членство.

Искрено, не верувам дека ЕУ ја изгуби својата кредибилност затоа што на маса стави компромис што беше прифатен од сите. Но кредибилноста е субјективен поим и мора да бидеме внимателни да не предизвикаме нешто што ќе ја поткопа довербата во ЕУ преку постојано повторување дека таа ја изгубила својата кредибилност.

Може да се тврди и спротивното: дека ЕУ ја зацврсти својата кредибилност со утврдување на преговарачка рамка, воспоставувајќи План за раст кој финансиски ќе ги поддржи реформите, нудејќи им на земјите од регионот приклучување кон европскиот платен систем (SEPA) што ќе им овозможи на Македонците да вршат плаќања и трансфери со земјите од ЕУ без трошоци. Посетите на претседателот на Европскиот совет, претседателката на Европската комисија и комесарката за проширување, во последните месеци, исто така говорат за кредибилноста на европската посветеност кон Северна Македонија. Експертизата и соработката што ги нудат многу земји членки на ЕУ за поддршка на реформите се доказ за сериозноста на нашата заедничка посветеност.

Се разбира дека ја чувствуваме недовербата или разочараноста кај дел од македонското население. Фрустрацијата е разбирлива и мора да се земе предвид при работењето. Европскиот процес е по природа комплексен и не треба истиот премногу да се поедноставува.

Минатата недела, Европскиот парламент ги избриша термините македонски јазик и македонски идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија што го изготви австрискиот европратеник, Томас Вајц, и во конечната верзија на документот, кој беше усвоен, не се споменуваат македонски јазик и македонски идентитет, исто како и во сите досегашни извештаи. Како Франција гледа на односот на ЕУ кон македонскиот јазик и македонскиот идентитет, и дали планира некакви иницијативи за поддршка на земјава во ова прашање?

Извештајот усвоен од Европскиот парламент нема правно обврзувачка димензија и овој текст произлегува од него, а не од Европската комисија ниту од земјите членки. Во суштината, почитувањето на идентитетот на една земја е дел од оние универзални вредности за кои зборував на почетокот од нашиот разговор и кои треба да се бранат. Сметаме дека европската интеграција ќе биде најдобриот начин за заштита на македонскиот идентитет и јазик. За разлика од тоа што понекогаш може да се слушне, ЕУ не ги разводнува идентитетите, туку напротив, им нуди рамка за заштита.

Франција често инсистира на „строга но правична“ политика при проширувањето на ЕУ. Меѓутоа, во услови кога некои земји кандидатки (како Украина и Молдавија) добиваат забрзана поддршка, постои впечаток дека Западен Балкан, особено Македонија, се третира со други критериуми. Дали ова создава двојни аршини во политиката на проширување?

Постои силна политичка волја за проширување, што произлегува од чувството на итност за обединување на нашиот континент во глобален геополитички контекст каде што се зголемуваат заканите за европската безбедност. Но важно е и критериумите за членство истовремено да бидат исполнети. Кога парламентите и народите ќе бидат повикани да ги ратификуваат договорите за членство, ќе се оценува почитувањето на сите тие критериуми.

Процесот на пристапување кон Европската Унија се заснова на Копенхашките критериуми кои важат подеднакво за сите земји кандидати. Нема привилегирани третмани.

Во текот на процесот, на секоја фаза се поставуваат поконкретни критериуми кои го насочуваат реформскиот напредок на земјите кандидати. Иако тие критериуми варираат од земја до земја за да се приспособат на специфичностите и на предизвиците, сите се втемелени во Копенхашките критериуми.

Почитувањето и заштитата на правата на припадниците на малцинства се дел од тие критериуми, но и дел од вредностите на европските договори. Сите земји кандидати мора да ја почитуваат оваа обврска, која не е специфична само за Северна Македонија.

Не е точно дека кандидатурите на Украина и Молдавија се предмет на различни критериуми. Барањата се исти за сите кандидати.

Затоа, за ниту една земја не постои гаранција, ниту ќе има скратен пат во спроведувањето на бараните реформи.

Често се вели дека процесот на интеграција на Северна Македонија е единствениот оптоварен со билатерално прашање со соседна земја членка на ЕУ. Но да потсетиме дека и решението на спорот со Словенија беше услов за членството на Хрватска. Постојат и други примери каде што беа постигнати договори заради повисок интерес – обединувањето на европското семејство.

Во услови на зголемено геополитичко влијание од трети страни, колку е важно за Франција Западен Балкан да остане на проевропскиот курс и дали ќе има посилен ангажман на Париз во таа насока?

Франција е свесна за значењето на Западниот Балкан и за неговата европска интеграција. Тоа е и суштината на Француската стратегија за Западен Балкан, усвоена во 2019 година и неодамна ажурирана. Постои силна политичка волја земјите од Балканот да се придружуваат кон ЕУ.

Многубројните билатерални средби помеѓу Франција и Северна Македонија во последните месеци сведочат за таа волја и за нашата дипломатска активност насочена кон изнаоѓање решенија за актуелната стагнација, со почитување на суверенитетот на Северна Македонија и интересите на Европа како простор на мир и просперитет.

Во пресрет на претстојните локални избори во Македонија, кои се вашите очекувања во однос на демократскиот капацитет и политичката култура во земјата?

Северна Македонија, од своето осамостојување наваму, покажа дека е способна да организира изборни процеси кои ги почитуваат европските демократски стандарди. Немам никакви сомненија во тој поглед.

Како и досега, Франција ќе биде подготвена да воспостави и да развива соработка со новоизбраните општински власти, како преку постојни збратимувања, така и преку нови соработки.

Франција е присутна во земјава низ повеќе проекти, но трговската размена останува под потенцијалот. Во кои сектори гледате најмногу можности за интензивирање на економската соработка и каква е моменталната состојба со инвестициите на француски компании во земјава и дали очекувате нови иницијативи во енергетиката, инфраструктурата или дигиталната трансформација?

Зајакнувањето на нашата економска соработка е еден од нашите приоритети. Тоа е и заеднички приоритет, кој беше во фокусот на неодамнешните посети во Париз на г. Муцунски и г. Николоски. Неколку големи француски компании се заинтересирани за Северна Македонија, а некои од нив се подготвени да инвестираат и да отворат работни места. Но од различни причини, одредени проекти сè уште не се реализирани. Тоа може да предизвика фрустрација кај француските компании, но ние продолжуваме со напорна работа и би сакал да им се заблагодарам на македонските власти за квалитетниот дијалог што го водиме во врска со тие проекти.

Покрај тоа, би сакал да го истакнам и сè позначајното присуство на Француската агенција за развој (AFD) во Северна Македонија во последниве години. Таа работи на значајни проекти, особено во областа на транспортот, животната средина и енергетиката. Неодамна беше потпишан договор за соработка меѓу AFD, францускиот оператор за пренос на електрична енергија RTE и МЕПСО.

Францускиот институт да стане жив простор за дијалог помеѓу технологијата и уметничкото изразување

Францускиот институт има значајна улога во културниот живот во Македонија. Кои се плановите за негова поголема видливост и ангажман, особено меѓу младите?

Францускиот институт во Скопје повеќе од 50 години игра централна улога во културниот живот на земјата. Нашата цел денес е да ги прошириме неговата видливост и неговиот ангажман, со фокус на иновативни културни форми кои можат да го привлечат вниманието на новите генерации.

Внимателно ги следиме современите културни трендови и се стремиме да го претставиме најдоброто од француското творештво. Дигиталната уметност, во таа смисла, зазема сѐ поголемо место во нашата програма. Оваа насока одговара и на љубопитноста на младите и на нашата желба Францускиот институт да стане жив простор за дијалог помеѓу технологијата и уметничкото изразување.

Во 2025 година започнавме пилот-проект за интерактивни музејски посети, со користење на очила за виртуелна реалност. Младите посетители ќе можат да ги истражуваат колекциите на големите француски музеи без да го напуштат Скопје.

Покрај тоа, во нашата културна сезона вклучуваме хибридни формати: современ танц и дигитална уметност, дебати за вештачката интелигенција и средби околу делата на млади македонски уметници, за да ги поттикнеме изразувањето, критичкото размислување и размената на идеи.

Колкава е заинтересираноста за изучување на францускиот јазик во земјава денес, и дали Франција ќе поддржи нови образовни или стипендиски програми за македонските студенти?

Изучувањето на францускиот јазик во Северна Македонија и натаму предизвикува голем интерес. Францускиот е јазик на повеќе од 300 милиони луѓе ширум светот. Познавањето на францускиот јазик овозможува пристап до универзитетите и високите образовни институции во Франција, но и во други франкофонски земји. Благодарение на активното присуство на Францускиот институт во Скопје, Француските алијанси во Битола и во Тетово, како и образовната соработка, францускиот јазик е дел од мрежа на висококвалитетни професори и училишта. Особено треба да се истакнат основните училишта каде што се поддржува рано запознавање со францускиот јазик уште од петто одделение низ целата територија на Република Северна Македонија, чиј број на ученици се зголемува во последните три години.

Франција посакува дополнително да ја зајакне образовната и универзитетската соработка со Северна Македонија, особено преку унапредување на постојните програми (владини стипендии и мобилност преку Erasmus+). Како одговор на сè поголемиот интерес, Амбасадата и Францускиот институт редовно разгледуваат нови партнерства со македонските универзитети и училишта, со цел да се олесни пристапот до јазични сертификати, академски и училишни размени, како и двојни дипломи.

 

Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

 

 

ИЗДВОЕНИ