петок, февруари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ексхумацијата разоткри крвава вистина – Марија била убиена, таткото бара правда

Ексхумацијата разоткри крвава вистина – Марија била убиена, таткото бара правда

Шокантен пресврт во истрагата за серијата убиства во Кумановско, осомничениот на прихијатриска анализа

458

Семејството ја погребало мислејќи дека станува збор за последици од алкохол – по 40 дена, обдукцијата потврди насилна смрт, се проверуваат полициски пропусти за претходни пријави за Т. Б

Случајот со убиствата во Старо Нагоричане добива нова, уште повознемирувачка димензија, откако обдукцијата по наредена ексхумација покажа дека 35-годишната Марија Маринковска починала од насилна смрт. Нејзиното семејството пред нешто повеќе од еден месец ја погребало својата ќерка, убедено дека смртта настапила како последица на алкохол. Но, по ексхумацијата извршена 40 дена по погребот, наодите од Судска медицина утврдиле дека станува збор за убиство.

„Џабе и правда да има и сè да ми нудат, јас го изгубив моето дете по најскапата цена“, вели таткото Зоран Маринковски во изјава за локалното радио „Бум“.

Според неговото сведоштво, Марија претходно пријавувала во полицијата во Старо Нагоричане дека осомничениот Т. Б. ја следи и ѝ додева. По пријавата, полицајците отишле кај него, но тој не бил дома. Таткото тврди дека и самиот се обидел да пријави во Куманово, но му било кажано дека жртвата мора лично да поднесе пријава во локалната станица. Марија живеела кај роднини во Старо Нагоричане, а семејството дознало дека е мртва од соседи. Кога била пронајдена, вратите од домот биле отворени. Според сведочењето на таткото, телото било делумно покриено со јамболија. „Во последниот телефонски разговор со брат ѝ, неколку минути пред полноќ, му рекла дека некој ѝ тропа на вратата и дека ќе се скрие“, раскажува тој.

Првичните информации укажувале на природна смрт, но по отворањето на истрагата за серија убиства во Кумановскиот Регион, Обвинителството нареди ексхумација. Судската медицина потврди дека, како и кај 78-годишната жена од Челопек, станува збор за насилна смрт.

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, за весникот ВЕЧЕР изјави дека писмениот извештај од обдукцијата и ДНК-анализите ќе биде доставен до Обвинителството во најкраток можен рок.

„Се правеа токсиколошки анализи и ДНК-анализи за утврдување на профилот од присуството на туѓиот материјал најден кај жртвата“, изјави Станков и објасни дека кај потенцијална жртва е најдобро обдукцијата да се направи веднаш, а во случај на ексхумација, битна е состојбата на телото, дали брзо се распаѓа.

Обвинителството продолжува со истрагата и проверува повеќе случаи поврзани со осомничениот. Тој се наоѓа во 30-дневен притвор во Затвор Куманово, каде што му бил извршен лекарски преглед и е во добра здравствена состојба. Осомничениот е обезбеден и во следните денови ќе следува негова психијатриска процена од тим експерти од Клиниката за психијатрија.

–Во текот на оваа сложена постапка се вршат распити на лица, а ќе бидат обезбедени и сите други потребни докази за целосно расчистување на случаите, но во оваа фаза од постапката во интерес на истрагата не може да се споделуваат повеќе детали – соопштија од ЈОРСМ.

Случајот предизвика силна вознемиреност во јавноста, особено поради наводите дека жртви на насилникот претходно барале помош. Од ОЈО најавија дека  се испитуваат евентуални пропусти во постапувањето на кумановската полиција, која според мештаните, го толерирала поради неговото ментално здравје.

На прашањето на весникот ВЕЧЕР, дали внатрешната контрола постапува по полициски службеници кај кои претходно бил пријавуван осомничениот Т. Б од селото Драгоманце, од МВР ни одговорија дека истрагата сè уште е во тек и оти јавноста ќе биде дополнително информирана.

Т. Б. бил активен и на социјалната мрежа „Тик-ток“ и има објавено повеќе видеа на кои се гледа трпезариска маса на која има наредено банкноти од по 100,50 или 10 денари. Условите во кои живеел со очувот и мајката се мизерни, заедно со стадото овци за кое бил задолжен. (П.А.)

извор: Тик Ток

 

 

ИЗДВОЕНИ