Поранешниот заменик-министер за земјоделство, Трајан Димковски, поранешен директор на Агенција за стокови резерви, како и уште двајца раководители од оваа Агенција и едно вешто лице од Бирото за процена од областа на земјоделството, се меѓу осомничените во рамки на големата акција која денеска ја спроведе македонската полиција во координација со ОЈО Скопје на повеќе локации во Скопјe, Куманово и на други локации. Од Обвинителството соопштија дека петтемина се осомничени за тешка злоупотреба на службената положба, поради прикривање на неоснован кусок од пченица и јачмен во ЈП „Агроберза“ во периодот 2019 – 2021 година. Наместо да ја известат Владата за фактичката состојба, осомничените – меѓу кои и надворешен вештак – доставиле неточни податоци, што довело до незаконски отпис на преку 2.000 тони житарки – 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен од државните стокови резерви, со што причиниле штета на буџетот од околу 780.000 евра.

– Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба и иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агроберза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019 – 2021 година), тие доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејство лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви. Еден од осомничените, надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена, постапил спротивно на одредбите од Законот за процена и спротивно на договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агроберза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ, соопштија од ОЈО Скопје, по завршувањето на акцијата.
Оттаму додаваат дека Обвинителството побарало определување мерки на претпазливост, меѓу кои одземање патни исправи и редовно јавување во суд.
– Имајќи предвид дека станува збор за дело кое се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање патна исправа и јавување во суд за сите осомничени, стои во соопштението од Обвинителството.
Од опозицискиот СДСМ реагираа дека пријавите против Трајан Димковски се монтирани и дека со вакви случаи власта „дефокусира откако беше фатена во корупција со ИПАРД“.
– Ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби. Очекуваме судските органи да го следат исклучиво словото на законот и во целост да ги отфрлат овие неосновани и монтирани пријави за Димовски. Станува збор за класичен политички прогон, без правна основа и обид за замолчување на СДСМ во откривање на сите корупциски скандали на власта на Мицкоски, стои во реакцијата од СДСМ.
Случајот со „Агроберза“ повторно ги активира сомневањата околу управувањето на државните стокови резерви, сектор кој и во минатото бил под лупа поради сомневања за ненаменско трошење, нерегуларности во јавните набавки и недоволна контрола на резервите.
Државниот завод за ревизија во повеќе извештаи во минатото има нотирано дека дел од договорите за чување жито биле слабо контролирани, со несогласувања меѓу фактичките и евидентните количини на пченица и брашно. Недостатоците, главно, се однесуваа на ненавремено известување, слаб надзор и на неусогласени книговодствени податоци.
Ревизорските извештаи укажуваа и на проблеми со контролата на складиштата – од недостиг на стока, до расипани или несоодветно чувани резерви. Во повеќе случаи се констатирани отстапувања меѓу пријавените и реалните количини.
Се очекува оваа акција на ОЈО и МВР да ги поттикне институциите да спроведат засилени проверки и ревизии во делот на стоковните резерви, со цел да се воспостави поголема транспарентност и да се спречат идни злоупотреби. (В. С. Н.)












