Екс правобранителот уапсен за поткуп, барал 100.000 фатен со 50.000 евра

900

Поранешниот правобранител Фехми Стафа е приведен и за него ОЈОГОКК бара притвор поради примање парична награда, заради влијание кај судија од Апелација кој требало да ја преиначи притворската мерка во поблага за осомничен кој е во бегство.

Парите ги барал од сестрата на бегалецот осомничен за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. Таа првиот пат му дала 30 илјади, а вториот 20. Барал вкупно 100.000 за ветеното влијание кај судијата. Од ОЈОГОКК каде се води истрагата не откриваат кој го пријавил случајот, судијата или сестрата и каков е  нивниот статус во истрагата.

-Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите, соопштуваат од ОЈОГОКК

Обвинителот бара притвор за Стафа поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на сведоците.

По заминување од државната функција Стафа стана адвокат. Го брани обвинетиот Љупчо Пецов викан Ѓаволот од случајот “Синџир” за даночно затајување по кого има распишано меѓународна потерница. Во август Ѓаволот преку својот бранител побара да му биде укинат притворот со гаранција. Од ОЈОГОКК не потврдуваат дали Пецов е лицето за кое биле наменети парите за влијанието кај судија.

ИЗДВОЕНИ