Поранешен директор, поранешен вработен и двајца вработени во „Водовод“ – Кочани се осомничени дека со наместен тендер овозможиле фирма од Могила да стекне противправна имотна корист од речиси 23.000 евра. Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кочани доставила пријави до Основното јавно обвинителство Кочани за А.К.(44), поранешен директор, З.Г. (53) и Б.А. (64), вработени во претпријатието, како и З.Ј.(55), поранешен вработен.
Истражителите утврдиле сомнеж дека во 2021 година, второосомничениот како претседател на Комисија за јавна набавка, заедно со двајца членови, постапиле спротивно на Законот за јавни набавки. Спровеле постапка за набавка на средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија.
Во тендерската документација вметнале спецификација за продукти што не постоеле на пазарот. Целта била да ја ограничат конкуренцијата и да фаворизираат правно лице од село во Општина Могила. Поранешниот директор, иако бил должен да ја провери законитоста на постапката, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Во име на КЈП „Водовод“ – Кочани склучил договор. Со тоа му овозможиле на економскиот оператор да стекне противправна имотна корист од 1.406.306 денари, односно околу 22.800 евра.












