Граѓанската иницијатива „Екосвест“ испрати отворено писмо до министерот за животна средина, Муамет Хоџа, во кое алармира за загрозената состојба на природата во Македонија и бара итно донесување нов закон за природата.

Од организацијата посочуваат дека сегашниот Закон за заштита на природата е застарен и нефункционален. Институциите што треба да ја штитат природата се слабо екипирани, инспекцискиот надзор е слаб, а финансиските средства за управување со заштитените подрачја се недоволни. Во меѓувреме, инфраструктурните и развојните проекти создаваат дополнителен притисок врз природата, додека постојните закони не обезбедуваат доволна заштита и координација.

– Граѓаните сè почесто мораат самостојно да се обидуваат да ги спречуваат штетните проекти, бидејќи системот не функционира доволно ефикасно. Сегашните законски решенија се несоодветни и не овозможуваат реална заштита на природата, особено на реките, езерата, шумите и на биодиверзитетот – нагласуваат од „Екосвест“.

Во писмото се наведуваат клучните проблеми: застарена законска рамка без јасни забрани за штетните активности; институционална слабост и недостиг на стручни кадри; хронично недоволно финансирање и неактивно управување со заштитените подрачја, како и слаб интерес за биолошката разновидност. Особено се загрозени видовите како мечката, рисот и волкот, додека секторските политики за рударството, енергијата и за инфраструктурата често ѝ штетат на природата.

За решавање на овие проблеми, „Екосвест“ предлага: итно донесување нов, современ закон за природата; забрана на деструктивни активности во заштитените подрачја; воспоставување независно стручно тело за заштита и мониторинг; професионализација на управувањето и обезбедување доволно стручни кадри; значително зголемување на финансиската поддршка и користење еколошки такси, како и воспоставување национален систем за следење на биодиверзитетот и усогласување на сите државни политики со целите за заштита на природата.

Организациите стојат на располагање за консултации и за учество во подготовката на новиот закон, кој би ја усогласил Македонија со европските стандарди и би обезбедил долгорочна заштита на природата и природните ресурси од кои зависат сите граѓани.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ