недела, февруари 22, 2026
Дома СКОПСКА Екоразмена „На ти го, дај ми го“

Екоразмена „На ти го, дај ми го“

69

Организацијата „Екосвест“ ја организира првата екоразмена „На ти го, дај ми го“, уникатен настан посветен на одржливоста, заедништвото и на креативната размена.

Настанот ќе се одржи утре, во „Собрание бистро“, со почеток во 12:00 часот и е отворен за сите што сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат.

– Концептот е едноставен, но инспиративен: секој учесник може да донесе до пет предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети) и за секој донесен предмет да добие купон за размена. Со тој купон може да избере нешто донесено од друг учесник – ново мало богатство што чека да биде откриено – соопштија од „Екосвест“.

Оттаму додаваат дека сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални.

– Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе, затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и со топол пијалак – нагласуваат од „Екосвест“.

Од организацијата велат дека овој настан е инспириран од слични практики во светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил и додаваат дека со „На ти го, дај ми го“, „Екосвест“ има цел да ја внесе оваа позитивна навика во македонското секојдневие.

– Често ми се случувало да видам уникатно парче облека и да дознаам дека е рачна изработка или стар модел од некоја претходна сезона. Денешната глобална мода нè тера сите да изгледаме слично, но токму секд хенд парчињата и размената носат посебен шарм и автентичност. Со овој настан сакаме да потсетиме дека не мора секогаш убавината да биде нова, таа може да биде обновена, прераскажана и споделена – вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во „Екосвест“.

Таа наведува дека екоразмената е повеќе од обична размена.

-Таа е можност да се запознаете со луѓе кои размислуваат слично, да најдете неочекувани модни парчиња или предмети со приказна, и да дадете свој мал придонес за позелена иднина- заклучи Манојлоска.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ