Економијата на Македонија во 2025 година и покрај тоа што се соочуваше со многу глобални предизвици, сепак, успеа да оствари економски раст од 3,8 отсто. Овој раст беше доволен за да ја дигне нашата економија на високото трето место во Европа, веднаш зад Ирска и Данска. Во реалноста, годината ја обележаа борбата за намалување на инфлацијата и за зголемување на минималната плата. Сепак, завршивме со инфлација од 4 отсто и со минимална плата од 24.400 денари, која беше зголемена во март годинава. Годинава ја обележаа и неколку бојкоти на маркети, кои беа организирани од граѓански асоцијации. Планот за инфраструктурен бум на државно и на локално ниво во 2025 започна амбициозно, но загуби на динамика со локалните избори и со политиките да се зачува стандардот на граѓаните.
За да го зачува стандардот на граѓаните, Владата одлучи да ги ограничи маржите на основните прехранбени производи до 30 април. Скалесто беа ограничени на бруто профитните маржи на над илјада прехранбени и непрехранбени производи, а како највисоки цени се утврдени оние што се применувале на 1 февруари 2025 година. Одлуката за ограничени маржи престана да важи на 1 мај и цените повторно почнаа да се зголемуваат. Државниот пазарен инспекторат постојано вршеше контроли, а инспекторите им дишеа во врат на несовесните трговци, кои претеруваа со цените.
Ваквата владина стратегија ја „спаси“ економијата од шокови и потреси и донесе каква-таква стабилност. Статистички инфлацијата почна да се стабилизира, но ретко кој од граѓаните и го чувствува тоа. Во практика, цените постојано растат, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Растот на цените одамна ги изеде зголемените пензии и плати.
Но и покрај тоа, економијата продолжи со забрзано темпо, со раст од 2,9 отсто во првиот, 3,5 отсто во вториот квартал и 3,8 отсто во третиот, со што ја престигна Србија, која забележа раст од 2 отсто, Црна Гора и Бугарија по 3,1 отсто, Хрватска 2,3 отсто и Романија 1,2 отсто.
Капиталните инвестиции иако потфрлија, сепак, останаа двигател на економскиот раст
Клучен двигател на растот беа инвестициите, кои во третото тримесечје се зголемија за 30,6 отсто. Значително учество имаа инвестициите на домашните компании, поттикнати од поволните кредитни линии обезбедени од Владата. Важна улога одигра и фокусот на државата кон реализацијата на капитални проекти, особено на инфраструктурните зафати како коридорите 8 и 10, како и финансиската поддршка за општините со цел рамномерен регионален развој.
Од Владата велат дека борбата за стандардот на граѓаните ќе биде нејзин главен приоритет, а за таа цел има на располагање буџет во вредност од 6,78 милијарди. Во него се предвидени пари за повисоки плати и пензии. Пари ќе има и за повисока минимална плата, но не во износ како што посакува Синдикатот, од најмалку 600 евра, туку согласно со законски утврдената формула, која ветува зголемување од околу 1.700 денари. Дополнително буџетот ќе се полни и од ДДВ за мали пратки. Имено, со измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, односно околу 65 илјади евра ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
Капиталните расходи во 2025 година иако важеа за столб на економскиот развој, сепак, не се реализираа целосно. Со ребалансот на буџетот, тие се зголемија на 768 милиони евра, што беше историски највисоко. Сепак, колкава ќе биде конечната реализација допрва ќе се проценува, а според последните податоци, во ноември нивната реализација била само 61,42 отсто. Во буџетот за 2026 година, оваа ставка е намалена, односно капиталните расходи се проектирани на ниво од 640 милиони евра. Од Владата велат дека е реална ваквата проекција, со опфат на конкретни и реално остварливи проекти.
Заклучно со третиот квартал, странските инвестиции се на ниво од само 204 милиони евра. Овие податоци ја сместија државата на дното во регионот. Од Владата, сепак, се оптимисти дека допрва ќе забрза инвестицискиот циклус. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави дека три компании од Германија, Грција и од Турција донеле одлука за инвестиции во Македонија, во вкупен износ од околу 120 милиони евра, со потенцијал за 1.500 вработувања. Станува збор за компании од автомобилскиот сектор, високата технологија и фармацијата. Дополнително, Владата преговарала со уште десетина други компании што имале интерес за вложување во државата.
Народна банка ги објави информациите за позначајните промени кај надворешниот долг, кој на крајот од третиот квартал од 2025 година изнесува 4.494 милиони евра или 27,1 отсто од проектираниот БДП. Во третиот квартал од 2025 година, тој е намален за 106 милиони евра или за 2,3 отсто. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67 отсто. Негативната нето меѓународна инвестициска позиција е намалена за 250 милиони евра и изнесува 8.738 милиони евра, што претставува 52,7 отсто од проектираниот БДП за 2025 година.
На крајот граѓаните добија новогодишна честитка – поскапа струја
Најголемиот шок за граѓаните дојде пред Нова година. Иако очекувано, сепак, голем дел од граѓаните беа затечени од одлуката за покачување на цената на струјата. Поскапување има во сите четири блока на потрошувачка, како и кај евтината тарифа, а сметките на граѓаните од 1 јануари ќе бидат повисоки од 57 до 900 денари. Во првиот блок, цената на струјата ќе се зголеми за 2,45 отсто, во вториот за 2,87 отсто, во третиот за 3,32 отсто, а во четвртиот блок за 3,84 проценти. Евтината тарифа ќе поскапи за 2,5 отсто.
Зголемувањето на цената на струјата за малите потрошувачи, односно за компаниите што се на регулираниот пазар, ќе предизвика зголемување на трошоците на производството, но крајните цени нема многу да се променат.
Од бизнис-секторот оценуваат дека зголемувањето на цената на струјата ќе има ограничено влијание врз цените на производите, при што најпогодени би биле дејностите кај кои струјата е клучен трошок во производството.
Според претставниците на стопанските комори и на индустриските здруженија, пекарската индустрија може да почувствува минимално зголемување на цените, особено кај лебот, додека кај другите основни прехранбени производи не се очекуваат значајни промени.
Од индустријата посочуваат дека падот на цените на суровините и на нафтените деривати делумно ќе го компензира зголемениот трошок за струја, поради што не се очекува поголемо влијание врз инфлацијата.
Дополнително, дел од компаниите наведуваат дека најголем предизвик останува недостигот на работна сила, особено во пекарството, каде што трошокот за плати има поголемо влијание врз цените отколку струјата.
Кај помалите компании, можно е одложено и умерено влијание врз цените, додека кај поголемите производители се очекува ефектите да бидат индиректни и ограничени.
(А. С.)












