Владата го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, со кој економскиот пораст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (6,09 милијарди евра), а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари (6,73 милијарди евра), додека проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
Како што образложи министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, и во наредната година ќе продолжат со постепена фискална консолидација и дисциплина на управување на јавните финансии со цел поголема ефикасност на буџетските средства. Фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон поддршка на макроекономската стабилност, на економската активност, кон намалување на сивата економија и кон зголемување на наплатата на буџетските приходи.
– Проекцијата е дека наредната година ќе има 6 отсто пораст на даночните приходи кои ќе изнесуваат околу 12 милијарди денари. Придонесите се планирани на повисоко ниво за 4,7 милијарди денари и изнесуваат 4 отсто повеќе во однос на ребалансот за 2025 година. Посебен акцент е ставен на пораст на приватните инвестиции, кои се очекува да растат со забрзано темпо поради интересот на компаниите за поволната кредитна линија, рече министерката Димитриевска-Кочоска.
Со буџетот е планирана редовна исплата на плати, пензии и на социјална заштита. Средствата за социјални трансфери кои се планирани во Буџетот изнесуваат 206,3 милијарди денари, што претставува пораст за 6,7 отсто. Платите ќе изнесуваат 52,6 милијарди денари или 7 отсто повеќе во однос на оваа година. Тука е планирано и зголемување на минималната плата.
Министерката прецизираше дека транзициските трошоци се планирани на 19,6 милиони денари со пораст од 22,5 отсто. Пензиите на 116,8 милијарди денари со пораст од 9,7 отсто, каде што се вклучени сите зголемувања.
– Продолжуваме со мерки за постепено намалување на буџетските расходи, на буџетскиот дефицит, на јавниот долг, мерки за внимателно планирање на нови вработувања, подобра наплата на приходите од јавните институции, намалување на непродуктивните трошоци, засилена фискална дисциплина и поголема транспарентност, изјави Димитриевска-Кочоска.
Таа се осврна на остарените стапки на пораст годинава кој изнесуваа над 3 отсто, односно 3,2 отсто во првата половина и 3,4 отсто во вториот квартал. Исто така, рече дека бруто-инвестициите пораснале за 11,7 отсто, приватната потрошувачка за 2,6 отсто, извозот за 5,2 отсто, градежништвото за 2,2 отсто, индустријата за 3 отсто, а земјоделството, иако со најмала стапка од само 1,4 отсто, е сепак најголема во последните две години. Во таа насока рече дека имаме историски најниска невработеност од 11,5 отсто, а во 2026 година се очекува стапката на инфлација да падне на 2,5 отсто.
(А.С.)












