Ограничувачки фактори за економскиот развој, според „Фич“, се негативните демографски трендови и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок. „Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, поради инвестициските активности, и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60 % од БДП на среден рок

 

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „ББ+“ со стабилен изглед, нагласувајќи дека макроекономските политики и долгогодишниот фиксен курс, како и растот на економијата од 3,2 % во првата половина од годинава, ја поддржуваат стабилноста. Така, од агенцијата наведуваат дека за половина година, реалниот БДП пораснал за 3,2 %, поддржан од силната приватна потрошувачка и од зголемениот извоз.

Економските изгледи на земјава, според „Фич“, за следниот период се позитивни. Очекуваат економијата да оствари раст од 3,2 % за целата 2025 година и просечно 3,4 % во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3 %.

Растот дополнително ќе го поттикнат големите инфраструктурни проекти, кои ќе создадат нови можности за инвестиции и за поврзување на економијата со европските пазари. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурните реформи и за зајакнување на институциите. Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7 % од БДП во 2024 година, тоа, главно, се должи на недостигот на работна сила и на глобалната неизвесност во автомобилската индустрија.

Ограничувачки фактори за економскиот развој, според „Фич“, се негативните демографски трендови и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок.

„Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, поради инвестициските активности, и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60 % од БДП на среден рок.

– Потврдата на кредитниот рејтинг на „ББ+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и до инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици. Оваа одлука е дополнителна потврда за кредибилноста на економските политики и претставува охрабрување за продолжување на реформите, за јакнење на фискалната дисциплина и за подобрување на конкурентноста на економијата, со крајна цел обезбедување повисок животен стандард за граѓаните и нови можности за развој – велат од Министерството за финансии.

ИЗДВОЕНИ