Еколошките кризи повеќе не се апстрактни закани, туку се секојдневна реалност, затоа се потребни визија и координиран одговор, нагласи министерот за животна средина, Изет Меџити, пред одржувањето на првата конференција „Заедно за одржлива животна средина“. Тој нагласи дека еколошките кризи директно влијаат на јавното здравје, безбедноста на храната, економијата и на социјалната благосостојба.

– Зголеменото загадување во урбаните средини, загубата на биодиверзитетот, притисокот врз природните ресурси и климатската несигурност бараат координиран одговор, базиран на докази и долгорочна визија. Затоа очекувам оваа конференција да ги поттикне дијалогот и координацијата меѓу клучните актери: јавните институции, меѓународните партнери, научната заедница, индустријата, невладиниот сектор и граѓаните – нагласи Меџити.

Според него, Македонија мора да изгради интегриран и одржлив пристап кон животната средина, со кој таа ќе се третира како основа на националниот развој.

– Целиме да изградиме одржлив механизам за еколошко управување што ќе го мери напредокот, ќе ги идентификува празнините и ќе ги реформулира политиките за управување со природните ресурси – рече Меџити и најави дека ќе се организира оваа конференција секоја година, на 5 јуни, по повод Меѓународниот ден на животната средина и притоа за официјална ја прогласи националната кампања „Одржлива иднина“.

На конференцијата се одржаа две панел-дискусии: едната за заштита и управување со природните ресурси, а втората за одржливо управување со отпадот и транзиција кон циркуларната економија. На настанот присуствуваше и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Имавме чест да видиме и неколку презентации од учениците од Скопје и од Македонија, кои се дел на ГЛОБЕ- програмата со мрежата за искуствено учење, со акцент на значењето на искуственото еколошко образование во оформувањето свесни и одговорни генерации, поддржана од УНИЦЕФ и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Нека заштитата и унапредувањето на животната средина и понатаму останат врвен приоритет, кој ќе резултира со нови парковски површини на места каде што постојат депонии, со акции за чистење и за пошумување, со едукација за правилна селекција и одложување на отпадот и со бројни иницијативи за подигнување на еколошката свест кај граѓаните – истакна Ѓорѓиевски.

Донирани 2.000 садници сезонско цвеќе во Кисела Вода

Над 2.000 садници сезонско цвеќе беа поделени во Општина Кисела Вода, во рамките на волонтерската акција што ја организираше „ТИТАН Усје“ по повод одбележувањето на Светскиот ден на животната средина, 5 Јуни. На настанот, менаџментот на компанијата и над 40 вработени им делеа на жителите на Општината Кисела Вода садници со сезонско цвеќе, во паркот „Шопен“ и во паркот кај Културниот дом „Билјана Беличанец“.

Акцијата за одбележување на Светскиот ден на животната средина, 5 Јуни, „ТИТАН Усје“ ја спроведува со Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс – ЕМ“. На настанот учествуваа и претставници од оваа академска институција, како дел од соработката со „ТИТАН Усје“, во рамките на меморандумот за соработка, кој беше потпишан неодамна.

Како дел од акцијата, беа донирани и садници, кои ќе бидат насадени на посебна локација на територијата на Општината Кисела Вода. Одбележувањето на Светскиот ден на животната средина е во рамките на активностите на „ТИТАН Усје“ за одбележување на јубилејот 70 години од основањето.

Компанијата „ТИТАН Усје“ во континуитет работи на развој и на реализација на проекти од интерес на заедницата. Во проекти од областа на заштитата на животната средина, образованието, како и соработка со академската заедница, досега се инвестирани 950.000 евра. „ТИТАН Усје“ неодамна го започна проектот „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“, во рамките на кој, за само неколку месеци, над 200 ученици од основните училишта од Општина Кисела Вода поминаа обука за 3Д-печатење.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ