Јубилејното, 20. издание на фестивалот за современи уметности АКТО ќе започне на 2 октомври со настан во форма на предавање, насловено „Еколошки иднини“ на архитектот Даниел Кунерт од германското списание од областите на архитектурата и урбанизмот, „Арх плус“ (ARCH+). Предавањето ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет со почеток во 19 часот.
„Еколошки иднини“ е заеднички проект на „Арх плус“ и Гете-институт насочен кон еколошките и социјалните предизвици на нашето време. Проектот обединува урбани практичари, уметници, културни чинители, жители, локални заедници, Гете-институти и нивните партнери за да ги истражуваат локалните политики и потреби, развивајќи идеи и практики што придонесуваат за социо-еколошка иднина. Кунерт ќе го претстави проектот, како и берлинското списание за архитектура и уметност „Арх плус“, залагајќи се за важноста на практики како што е „Градот како сцена“.
Ова предавање е најава за официјалната тридневна програма на 20. Фестивал АКТО што ќе се реализира во киното на Железничката зграда од 3 до 5 октомври.
Во рамките на фестивалот, кој е основан во 2006 година, ќе се случуваат повеќе изложби, проекции, разговори и предавања, работилници и музички настани… Целата програма ќе биде концентрирана во новоотворената лабораторија за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, лоцирана во киното на Железничката зграда во Скопје. Дел од фестивалот ќе бидат многу домашни, но и странски гости како Зорица Милисавлевиќ-Милојковиќ (Урбани Оази, Белград), Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб), Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин), ОПА (Заум архива), Славчо Димитров (Викенд на Гордоста, Скопје), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки, Загреб), Кристина Леловац (фестивал „Прво па женско“, Скопје), Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје), Виолета Качакова и Филип Тасевски (фестивал на независна музика „Земјотрес“), Пијан Славеј, група „Сиз“, група „Трето колено“ и други.
– АКТО, од позиција на вонинституционален сектор, 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Фокусиран е на „славење“ на слободната мисла и правото на користење на јавните простори, правото на создавање на мултидисциплинарни уметнички активности, вклучувајќи различни заедници, уметници, експерти и граѓани. Но, и на соработката и поддршката на млади автори и студенти и активно вложување во едукативни процеси, велат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ, кој е организатор на фестивалот.