Ова лето, во Скопската Котлина се случија три големи еколошки катастрофи. Гореше старо железо во Визбегово, секојдневно се палат кабли и отпад на „Вардариште“, а ново загадување на градот предизвика пожарот во депонијата „Дрисла“.Скопјани се повторно загрижени за своето здравје и прашуваат до кога ќе се убива Скопје и дали ќе почнат надлежните да работат и да ги решаваат проблемите со скопските депонии. Експертите предупредуваат дека последиците од ваквите пожари, од кои излегуваат токсични материи, се опасни и за сегашните и за идните генерации.

– Тие не само што се токсични туку се и канцерогени и мутагени. Се таложат во масните ткива и во црниот дроб на човекот и на сите топлокрвни животни. Еднаш кога ќе влезат, не се исфрлаат, се таложат и последиците од ова што се случува сега може да ги почувствува не само оваа туку и идните генерации – вели поранешниот директор на Управата за животна средина, Филип Иванов.

За загадувањето на животната средина, граѓаните можат да ја тужат државата пред Управниот суд 

Скопјани ова лето се изнадишаа токсичен воздух. По големиот пожар што настана на отпад со старо железо во Визбегово, неколку дена во воздухот се чувствуваше голем, црн, канцероген чад и иако беше нагласено дека граѓаните ќе дознаат што дишеле во тие моменти, сè уште нема одговор. Деновиве, пак, гори поранешната депонија „Вардариште“ речиси секоја ноќ и испушта иритирачки гасови во воздухот. Сè уште не ѝ е ставен крај и покрај секојдневните протести на жителите на Аеродром, Ново Лисиче и на Гази Баба.

Нова еколошка катастрофа му се случи вчера на главниот град. Имено, се запали депонијата „Дрисла“ и иако е на 14 километри од центарот на Скопје, отровниот чад го прекри речиси целиот град, а аерозагадувањето беше видливо од авион. Во гаснењето на пожарот беа ангажирани две противпожарни возила со петмина пожарникари. Дополнително, бил испратен и еден „ер-трактор“ за да помогне во гасењето и за да спречи евентуално префрлање на пожарот кон боровата шума и кон викенд-населбата.

– Пилотот на „ер-тракторот“ укажа дека се работи за горење во централниот дел на депонијата и дека секое фрлање вода од висина може дополнително да го разгори и да предизвика палење на други спорадични жаришта. Тој не утврдил можност за проширување на огнот кон боровата шума и е упатен да дејствува на пожарите во Скопска Црна Гора – соопштија од ЦУК.

Командантот на Бригадата за противпожарна  заштита на Град Скопје, Звонко Томевски, изјави за медиумите дека била побарана помош и од ЈП „Комунална хигиена“, од каде што биле пратени две цистерни за дотур на вода. Бил побаран и авион на Дирекцијата за заштита и спасување за помош при гасењето, но, за жал, рече тој, немало услови да интервенира.

– Станува збор за посериозен пожар од поголеми размери. Имаше опасност да биде зафатена околната борова шума, која е во близина на депонијата, и дополнително да се предизвика шумски пожар, кој понатаму можеше да загрози и објекти во близина – објасни Томевски.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, постојат сомнежи дека пожарот во депонијата Дрисла е предизвикан намерно, потсетувајќи дека летово имавме рекордно високи температури, но дека „Дрисла“ не се самозапали.

Од вчера, депонијата „Дрисла“ е преземена од Главниот  штаб за управување со кризи и предложена е забрана за движење во депонијата „Вардариште“, за што веќе има поднесени кривични пријави за лица што управувале со диви отпади и предизвикувале пожари преку согорување отпад.  Очекувањата се дека со затрупување и со контролиран надзор, двете депонии, конечно, ќе бидат ставени под контрола, но Ангелов потенцира дека ќе биде можно трајно решение дури по изборите, преку реализација на одамна подготвен проект.

ТОКСИЧНИОТ ВОЗДУХ – ОПАСНОСТ ЗА СЕГАШНИТЕ И ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Скопјани повторно се загрижени за своето здравје и прашуваат до кога ќе се убива Скопје и дали ќе почнат надлежните да работат и да ги решаваат проблемите со скопските депонии. Поранешниот директор на Управата  за животна средина и добар познавач на оваа проблематика, Филип Иванов, објасни за весникот ВЕЧЕР дека кога гори депонија во која има мешан комунален отпад, поради ниската температура на огнот во внатрешноста, испаруваат диоксини  и фурани, кои спаѓаат во категоријата најтоксични хемиски соединенија што му се познати на човештвото денес.

–  Тие не само што се токсични туку се и канцерогени и мутагени. Се таложат во масните ткива и во црниот дроб на човекот и на сите топлокрвни животни. Еднаш кога ќе влезат, не се исфрлаат, се таложат и последиците од ова што се случува сега може да ги почувствува не само оваа туку и идните генерации. Да не зборуваме за честото испарување на органските и на јаглеродните соединенија и на киселите гасови. Не може да се предвиди што се ќе излезе како гас при горењето на една депонија, бидејќи не знаеме што сè има во неа – посочува Иванов.

За тоа што треба да преземат граѓаните за да се заштитат од загадувањето предизвикано од горењето на депонијата, вчера немаше препораки од Институтот за јавно здравје. Директорката на овој Институт, Марија Андоновска, истакна дека засега немаат никакви мерки.

– Само кога ќе добиеме релевантни податоци од инспекциските служби на Град Скопје за присуство на штетни честички, за што, всушност, станува збор, ќе можеме да излеземе со препораки. Вака не можеме ништо да кажеме – изјави Андоновска.

За работењето на „Дрисла“ често пати има поплаки од жителите од околните населени места.

Во име на жителите на селото Батинци и на населбите што гравитираат околу депонијата „Дрисла“, претставниците на здруженијата „Ринија е Батинцес“ и „Вукат“ уште лани изразија загриженост и незадоволство за лошото управување со отпадот и со медицинскиот отпад од страна на ЈП „Дрисла“, со која раководи Град Скопје. Тие му се пожалија на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, дека, како резултат на несоодветното управување од страна на дирекцијата на оваа депонија, има драстично влошување на здравствената состојба на жителите на селото Батинци и на околните населени места во Општина Студеничани.

Податоците од Институтот за јавно здравје Скопје за утврдени заболувања кај децата, учениците и кај младинците во Општина Студеничани, на чија територија се наоѓа „Дрисла“, покажуваат дека во периодот 2020-2024 година, во амбулантите биле третирани 4.165 болни со респираторни проблеми, 3.131 со болести на циркулаторниот систем и 2.153 пациенти со ендокринолошки, нутритивни и со метаболични болести. Во пораст е и бројот на повреди и труење предизвикани од надворешни причини, душевно растројство, неоплазми…

Со цел заштита на здравјето и благосостојбата на заедницата, двете здруженија се со едно барање: да се изгради современа депонија со еколошки и европски стандарди. За министерот Меџити, проблемот со депонијата потекнува од немањето ограда во „Дрисла“, и тоа му прави сериозни проблеми на локалното население.

– Според информациите што се добиени од терен и во комуникација со локалното население, голем број кучиња имаат пристап до депонијата и до опасниот отпад и потоа се враќаат во селото и шират зарази – истакна Меџити.

Исто така, условот е да се преземат мерки и инвестиции, да се подигнат стандардите, да биде што помалку штетно, прво за луѓето што живеат околу „Дрисла“, но и пошироко во Скопје.

– Тука е пречистителната станица, која не е во функција и која требало да биде изградена досега. Тука е и печката во која се гори медицински отпад, кој е опасен. Само ова е инвестиција повеќе од два милиона евра, што не би требало да е проблем за фирма каква што е „Дрисла“ – истакна Меџити по посетата на депонијата.

НЕСТРУЧНОТО И НЕСООДВЕТНО МЕНАЏИРАЊЕ – ПРИЧИНА ЗА ПОЖАР НА ДЕПОНИЈА

Според Иванов, пожарот на една депонија е резултат на нестручното и несоодветно менаџирање со неа. Тој смета дека доколку има соодветен дренажен систем за гасовите и за отпадните  води и паралелно со тоа се набива редовно и се покрива со земја и со глинест материјал, тогаш практично е невозможно самозапалување на депонијата, затоа што е истиснат кислородот од неа.

Тој додава дека кога горат, депониите не се гасат со вода, бидејќи во нивната внатрешност тлее и може да настане бескислородно горење, слично на процесот на пиролиза.

– Она што се прави за да се изгасне е покривање со земја или со глинест материјал за да се спречи достапност на кислородот до огнот. Воедно, можат да се користат и хемиски срества, но и при нивното користење, како и при користењето вода, се создава исцедок, кој доколку не се собере и третира соодветно, завршува во блиските водотеци и во подземните води и предизвикува загадување – појасни Иванов.

ЈП „Дрисла“ планира во следните години да реализира поголеми инвестиции, кои ќе бидат финансирани од сопствени средства, дел со помош на Владата и на европските фондови.

* Пречистителна станица за отпадни води од депонијата, со што ќе се овозможи целосно прочистување на исцедокот од депонијата, кој ќе може да се користи како технолошка вода за потребите на претпријатието и на населението.

* Инсенератор за согорување медицински и др. опасен отпад, согласно со европските стандарди за заштита на животната средина.

* Дробилка за инертен отпад, со која од примениот инертен отпад (градежен шут) ќе се добие дробен камен (тампон), кој ќе се користи за покривање на депонијата „Дрисла“.

* Покрај веќе една изградена косина и берма, наредната година се планира изведба на уште една косина и берма, со што се овозможува стабилност на „телото“ на депонијата, спречување од ерозија од поројни води и целосна ремедијација (затревување) на тој дел од депонијата со трева и со хумус.

* До веќе изградените два рова, се планира изградба на уште еден ров за привремено складирање на отпадот со азбестни компоненти, со што се овозможува заштита на животната средина и на здравјето на луѓето од отровните материи што ги содржи овој отпад, а за што изминатите години е донесена одлука од Владата сите покриви на куќи и згради направени со ваков материјал да бидат целосно заменети.

* Санирање на оградата на депонијата „Дрисла“ за заштита од влегување на кучиња и на неформални собирачи на отпад на „телото“ на депонијата, со што ќе се придонесе за спречување на ширење зарази и болести при разнесување делови од отпад надвор од депонијата, низ населените места во околината на депонијата.

СКОПЈЕ Е САРДИСАНО ОД 120 ЃУБРИШТА

Процените на Националниот план за управување со отпад покажуваат дека на територијата на Република Македонија има една стандардна, а тоа е „Дрисла“, 53 нестандардни и над две илјади диви депонии.

Карактеристично за Скопје и за неговата околина е токму големиот број диви депонии, кои никнуваат на секој чекор и во летните месеци често доаѓа до нивно спонтано самозапалување, што не само што го загадува воздухот туку претставува и сериозна опасност од неконтролирано ширење пожари, човечки жртви и/или материјална штета. Според официјалните податоци, на територијата на Град Скопје се евидентирани преку 120 диви ѓубришта, меѓу кои најопасни и најголеми се Вардариште и Визбегово, потоа депонијата кај Арачиново и Грушино, а градот го загадува и огромната депонија кај селото Орланци, која постојано гори и отровите ја загадуваат не само околината туку и чадот се спушта кон Скопската Котлина.

Согласно со достапните податоци, во текот на 2023 година биле отстранети околу 10.617 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје, а во првата половина на 2024 година биле отстранети 2.500 кубни метри отпад од приближно 150 локации. Слична е состојбата и во другите градови и населени места во државава.

Над 460 илјади кубни метрикомунален отпад произведен во државава во 2023 година или тоа се 0,43 кубни метри ѓубре по глава на жител.

Таа година се произведени и 417.753 кубни метри опасен отпад настанат при ископување и физичка и хемиска обработка на минерални суровини, како и 1.041,38 тони медицински отпад од 72 здравствени домови, клинички центри, болници, поликлиники. Времено складирани се 239 тона, па останува нејасно како е постапувано со речиси 364 тона. Податоците од „Дрисла“ кажуваат дека во печката на депонијата се изгорени нешто над 55 тона, па се наметнува прашањето дали завршуваат огромни количини опасен отпад на диви депонии.

Надлежните очекуваат дека ќе се реши проблемот со депониите преку петте регионални центри за фрлање отпад, од кои едниот треба да биде изграден во Русино, за потребите на Полошкиот Регион. Потоа „Дрисла“ да биде за Скопскиот Регион, Новаци за Југозападниот и за Пелагонискиот Регион, Добрешинци за Југоисточниот и за Вардарскиот Регион и Свети Николе за Источниот и за Североисточниот Регион. За реализација на овие пет современи центри, одобрени се грант од Европската Унија и заем од Европската банка за обнова и развој.

ГРАЃАНИТЕ МОЖАТ ДА ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО

За загадувањето на животната средина, граѓаните можат да ја тужат државата пред Управниот суд. На 28 октомври 2024 година, Врховниот суд го објави начелниот став во врска со загадувањето на животната средина, според кој граѓаните можат да ја тужат државата пред Управниот суд за да го остварат правото на здрава животна средина.

– Согласно со националната и меѓународната регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните. Во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејства со кои се повредуваат уставно загарантираните права и слободи, кога не е предвидена таа конкретна судска заштита со Уставот и со другите закони – се вели во начелниот став на Врховниот суд.

Ваквиот став на Врховниот суд следува откако Управниот суд во неколку наврати ги одбиваше тужбите на граѓаните против државата за загадување на животната средина.

Mицкоски:  Нема ад хок решение за „Дрисла“

Премиерот Христијан Мицкоски вчера, прашан за тоа што може да се спроведе како ад хок решение за времено решавање на проблемот со депонијата „Дрисла“, истакна дека не постојат такви.

– Нема ад хок решение. Метанот што зрачи во внатрешноста на депонијата се пали со едно догорче, и секојдневно ни го прават тоа – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека ако се бара кој го инструира сето тоа, треба да се види кој профитира. Наведе дека Владата нема намера да ја земе под свои ингеренции оваа депонија, но оти ќе ја направат модерна европска депонија, со фабрика што ќе произведува енергија.

– Тоа ќе биде направено со јавно-приватно партнерство и со распишување јавен тендер – најави Мицкоски.

(А. П. – С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ