Денеска во Охрид се одржува нова еколошка акција за собирање текстилен отпад, која е дел од редовните иницијативи за управување со отпадот и за поттикнување на циркуларната економија, а граѓаните имаат можност да ја однесат старата облека на неколку локации во градот.

Специјалните контејнери на „Тексомак“ се поставени во задниот двор на „Охрид мол“, во дворот на Гимназијата, на Економското училиште и на ОЕМУЦ, како и во дворовите на основните училишта „Григор Прличев“, „Свети Наум Охридски“ во Пештани и „Ванчо Николески“ во Лескоец. Од ЈП „Охридски комуналец“ потсетуваат дека може да се остава облеката во училишните дворови, во рамките на работното време, но дека не се примаат стари обувки, чанти или други текстилни предмети што не се облека.

Од ЈП „Охридски комуналец“ истакнуваат дека облеката што најчесто завршува на депониите и на несоодветни места, претставува еден од најбрзорастечките видови отпад. Текстилот се распаѓа многу бавно – до 200 години за синтетичките материјали, при што ослободува метан и други штетни материи што придонесуваат за климатските промени и за загадувањето на почвата и на водите. Дополнително, синтетичките материјали како што е полиестерот кои сочинуваат околу 60 % од модерната облека, ослободуваат микропластика што завршува во животната околина.

Целта на акцијата е да се поттикнат селекцијата, донирањето и повторната употреба на текстилот, што придонесува за заштеда на ресурсите, намалување на загадувањето и за поддршка на циркуларната економија во заедницата.

ИЗДВОЕНИ