Кога планината зборува со срце – светот слуша. Во тишината на планината Кожув, оваа сабота одекна една стара македонска песна. „Море сокол пие“. Со оваа песна еколошките активисти од цела Македонија кои веќе еден месец го блокираат патот до Ски центарот „Кожув“ и спречуваат да започне изградбата на хидроцентрала на реката Дошница, ја пречекаа светски познатата еколошка активистка, Грета Тунберг.

Таа им се придружи во нивниот протест против хидроенергетските и рударските проекти што ги загрозуваат недопрената река Дошница и биодиверзитетот на планината Кожув. Зборувајќи со еколошките активисти, Тунберг ја нарече борбата за Дошница глобална борба против експлоатацијата.

– Вие не се борите само за реката туку и за иднината на вашата заедница. Ова не е локална борба, ова е глобална акција, затоа што борбата за локалната околина за мене е борба за глобалната околина, овие борби се поврзани. Тука сум да ја поддржам оваа ваша акција за спас на реката Дошница, како што се борам и за секоја река во мојата Шведска. Инвеститорите ширум светот велат дека кога инвестираат во вакви и слични проекти, дека инвестираат во иднината. Но, всушност, тие ја уништуваат токму таа наша иднина. Не се согласувам кога неколку моќници ја жртвуваат целата наша планета и судбината на голем број на луѓе во светот, само за да заработат пари. Ова вашето е повеќе од протест, ова е движење. Од врвовите на Кожув, па сè до останатите светски предели кои се загрозени. Битката за реката Дошница е освестување, дали таа ќе продолжи да биде чиста како солза или ќе биде загадена од вакви и слични проекти – им порача Тунберг на активистите.

(Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ