Да го земеме за пример градот Осло и тоа што го направи тој: го трансформираше некогашниот индустриски тежок брег на реката Акерселва во еден од најинтересните проекти за развој на градот наречен Вулкан. Се работи за иновативна еколошка архитектура што го дефинира ова соседство, кое, меѓу другите одржливи карактеристики, има и локален енергетски центар со геотермални бунари длабоки 300 метри и деловна зграда со надворешност што е визуелно дефинирана со неговиот екстензивен соларен систем за греење на водата.
Вулкан обединува мноштво луѓе и претпријатија, а областа опфаќа два хотела, голема ексклузивна сала за храна, канцелариски простори, културни места, ресторани и апартмани. Во 1960-тите, кога се затвори леарницата, локацијата се користеше за складирање и за занаетчиски бизниси, затворени за остатокот од градот. Но, градот донесе одлука за обнова на оваа локација и во 2004 година започна со големи амбиции за споделување земјиште и ресурси во густа и мултифункционална област. Двајцата архитекти Аспелин Рам и Ентон Б Нилсен се тие што го развија, трансформираа и витализираа Вулкан и создадоа креативен “град во град“ од поранешниот ‘рѓосан индустриски дел на Осло, со што се отвори нова економска перспектива и развој за целото население и, секако, за државата.
Едно од тие места во Скопје е „Купром“, познатата поранешна фабрика за бакар, која со декади зјаеше празна и потопена во отпадни токсични води, иако е на самиот брег на реката Вардар, во скопската населба Хром. Овој објект изграден во 40-тите години од минатиот век, според посебни индустриски стандарди, беше напуштен повеќе од 20 години. Целата економија на локалното население зависела од „Купром“ и затоа за граѓаните од Општина Ѓорче Петров овој објект има посебно место во колективната меморија. Но, поради запуштеноста, поради подземните и токсични води, старата фабрика беше еколошка закана.
Имаше неколку локални здруженија и уметници што иницираа проекти за тоа целиот индустриски комплекс „Купром“, каде што има пет големи згради што зафаќаат 3.200 м2 и земјиште со површина од 22.000 м2, да биде трансформиран во град на младите. Нивната идеја беше да се реновира целиот индустриски комплекс и да им биде доделен на младите што сакаа да развиваат бизниси и да творат креативно. Да биде место каде што ќе ги споделуваат идеите и ќе градат проекти за развивање на економијата, културниот и уметничкиот живот.
За жал, таа иницијатива беше ставена на „чекање“ од тогашните локални власти.
Сепак, ако сакаме напредок, мора да имаме дисциплина и посветеност, па пред дваесетина години, некаде на почетокот од 2026 година, креативната платформа што се формираше тогаш, од голем број граѓани, ја истисна безнадежноста и им даде предност на оптимизмот и на вербата во подобри промени. Едно од нејзините барања беше пренамена на „Купром“, негова ревитализација и реупотреба. Таа одлука беше прифатена од локалните власти и целиот овој комплекс, по примерот на Вулкан во Осло, им беше доделен на младите бизнисмени, претприемачи, уметници, креативци, визионери…
Архитектите го дизајнираа целиот простор и го пренаменија во отворени океан канцеларии за младите претприемачи, кои почнаа да градат бизниси со кои донесоа голем економски напредок и придобивки за целата држава. Многу од граѓаните што заминаа во другите земји се вратија назад, во Македонија, затоа што го согледаа потенцијалот за економски и уметнички просперитет тука. Со создавањето на „Купром“ како град на младите, беа привлечени голем број дигитални номади од целиот свет, кои го најдоа својот дом тука и ги развиваа своите идеи и бизниси. „Купром“ стана дом и на уметниците од различни уметности, кои дотогаш немаа каде да творат и кои тогаш го добија најсовремените ателјеа. Голем дел од просторот во поранешната фабрика беше пренаменет во уметнички галерии, изложбени салони, продавници со уникатни рачни изработки од ова поднебје… Се создаде еден нов не само локален туку и интернационален уметнички свет, кој очајно му недостигаше на градот – тука во населбата Хром, директно на бреговите на реката Вардар.
Секако дека беа обвиткани сите овие згради во појас од плански насадени дрвја, кои денес достигаат висина и од 15 метри, поради што целиот овој младински град наликува на зелен остров. Со урбаната ревитализација, со културната трансформација на „Купром“ и со пренамената на старите згради во живописни уметнички простори, л на моќниот тренд во светот и денес е на мапата со уникатни пренаменети историски објекти во економски центри и креативни лаборатории, со што туристичките посети достигнуваат невидени бројки, а со тоа и економијата на градот.
Кон крајот на 2028 година, откако го согледа успехот на „Купром“ и економското влијание од неговото трансформирање, Владата донесе одлука за пренамена и адаптација на многу вакви објекти, кои беа напуштени и во лоша состојба. Со ова не само што им се врати животот на заборавените стари и напуштени архитектури туку се спречи и иселувањето на младите, образовани и вешти луѓе, кои останаа дома и инвестираа во свои бизниси и креативни решенија. „Купром“ веќе беше симбол на надеж и напредок, но не беше единствениот објект од ваков вид што беше пренаменет во место што ги збогатува локалната и националната економија. Таа листа беше надополнета со уште неколку објекти, кои, по долгата ноќ, беа изнесени на виделина, во ново руво и функција. Триаголникот во таканаречената Рампа во Кисела Вода од правливо парче место се трансформираше во занаетчиско и културно маало. Таму беа стационирани повеќе работилници: од продавачи на делови за моторни возила до хемиско чистење и произведувачи на домашни кори. И сите тие сѐ уште се таму, само што сега се во друштво на млади уметници на кои им беа доделени неколку студија за сликање, вајање и креирање друг вид уметност. Ресторанот во средината на овој триаголник сега е преполн, а, секако, зачувано е и старото дрво липа, точно во центарот на ова трговско маало.
Тука е и старата фабрика „Стаклара“, напуштена со декади, а со одлична и здрава основа. Нефункционалноста на оваа фабрика беше болка на сите граѓани. Тие побараа да биде пренаменет и овој објект во социјален и едукативен центар. Фабриката повторно беше замислена како ново отворено училиште за сите возрасни групи граѓани, фокусирано на уметноста, архитектурата, дизајнот, финансиите за почетници и на етичкиот менаџмент. Многу индустриски простори се комерцијализирани, но користењето на оваа зграда како отворено училиште ѝ го врати просторот за заедницата. Особено внимание се стави на ранливите категории граѓани, за кои се создаде простор за рекреација што подразбира: адаптирани спортови, фитнес, медитации, терапии со танц, изработка на ракотворби, градинарство…
Секој „залив“ од стакло содржи училница, а името на училиштето „Отворена стаклена училница“ гордо блеска на надворешните прозорци, кои силно светат и ноќе.