ЕКО СРЕДА, ШТО АКО…? Чист воздух – Без отпад

24

Зима во Скопје. Зима во Битола. Зима во кој било друг град од мојата родна земја. Сите имаа нешто заедничко. Воздухот не се дишеше. Но, што друго им беше заедничко? Валканите и преоптоварени улици и недоволно опремените компании за комунален отпад, кои секојдневно се бореа со отпадот.

Во еден момент, на сите им стана јасно дека не може да продолжи ова така: децата се разболеа, повозрасните умреа прерано, а младите, добро образовани луѓе ја напуштија нашата земја и повеќе не се вратија.

По долги години игнорирање на проблемите и одложување на решенијата, се создаде група од напредни уметници, научници и претставници на нашите компании и еден многу познат премиер застана и започна нова ера за нашата земја. Премиерот беше многу мудар човек и се опкружи со експерти од различни области, од различни партии и со различно културно потекло. Ги отвори државните институции за сите граѓани и ги слушаше нивните идеи и иницијативи. Неговата влада беше првата во историјата на нашата земја во однос на прифаќањето на сите луѓе во процесите на развој, затоа што спозна дека така шансите за успех се многу поголеми за разлика од вообичаената стара практика на носење одлуки зад затворени врати. Тие разбраа дека стариот начин на донесување одлуки секогаш, во најдобар случај, завршува само на зборови, а ништо во практика, што предизвика револт кај луѓето. Затоа, да се биде политичар во тоа време имаше исто значење како да се биде криминалец со најнизок углед меѓу населението.

Но, оваа група политичари за која зборувам тука, беше одговорна и различна од сите претходни: таа сфати дека мора да направи нешто храбро и реши да ги прекине старите лоши навики за да создаде иднина за оваа земја и за нејзиниот народ.

Најголем проблем во тоа време беа затруените воздух и вода. Но, како што се покажа, проблемот стана уште поголем: индустријата на нашата земја во тие денови беше стара и создаваше многу валкани емисии. Еден ден, тие повеќе не можеа да ги продаваат своите производи, бидејќи се промени светот и производите што беа произведени нееколошки повеќе не беа прифатени за продажба на светскиот пазар. Така, илјадници работни места беа „на коцка“ и многу семејства гледаа кон многу, многу мрачна иднина.
Оваа група луѓе сфати дека со ограничениот број вешти и иновативни луѓе само во владејачката партија, нема да има доволно човечки ресурси за иновации за да реши некој од тие проблеми и затоа дојде до дотогаш невидена и нечуена одлука: премиерот ги праша најиновативните луѓе во земјата, без разлика на нивната политичка или културна заднина, да дојдат да ѝ се приклучат на неговата влада за да помогнат да се најде најдоброто можно решение за иднината на нашата земја. И по некое време, тие дојдоа до ова: „Што ако спроведеме нешто што ќе реши многу проблеми во исто време? Ајде да изградиме објект за согорување на отпадот на еколошки начин“.

Звучеше едноставно, но зошто дојдоа до оваа идеја?

Во тие денови, во нашите домаќинства немаше селектирање отпад. Но, само селектираниот отпад може да се користи и да се продаде како суровина за рециклирање. Со инсталирањето селекција на отпадот на ниво на домаќинство, за хартија, органски отпад, пластика/лименки и мешан отпад, и со централизираната институција за продажба на тие суровини, тие можеа да ги финансираат комуналните услуги за отпад и да ги задржат трошоците за секој граѓанин суперниски.

Создадоа независна компанија под јавна контрола, што централно, низ целата земја, го собираше и го селектираше отпадот и го продаваше. Собраниот приход директно им се прераспределуваше на локалните компании за отпад, одржувајќи ги трошоците на граѓаните за комунална такса особено ниски. Пресметката беше едноставна: за само шест години, сите инвестиции во селекцијата на отпад беа вратени и градовите беа одржливо чисти.

Со реновирањето на железничките линии меѓу општините, успеавме да транспортираме огромни количества собран отпад далеку од дивите депонии и да се однесат до големите секундарни капацитети за селекција на отпадот, од каде што сите суровини се продаваа и транспортираа во капацитети за рециклирање.

Остатокот од отпадот што не можеше да се продаде или селектира, се користеше како гориво за печката за согорување. Со искористување на метанот што се добиваше од органскиот отпад, печката се загреваше до повеќе од 1.000 Целзиусови степени. На оваа температура, секоја штетна хемикалија исчезнува. Но, оваа топлина се користеше и за нешто повеќе: од тешката индустрија за топење метал и за производство на цемент. Со создадената електрична енергија во печката, температурата се зголеми на повеќе од 1/700 Целзиусови степени без да се произведуваат штетни емисии. Тоа значеше дека нивните производи станаа јаглерод диоксид неутрални и затоа тие компании беа во можност повторно да ги продаваат своите производи во други земји. Тоа спаси илјадници работни места и семејства.

Со повратната топлина од индустријата се произведуваа струја и топлина за централна топла вода и греење. Со тоа се обезбедија поевтино греење и топла вода во нашиот град. Всушност, во тоа време, одеднаш стана многу поевтино да се користи централното греење отколку да се загреваат домовите со дрво, нафта или со други фосилни производи.

И во овој момент, политиката реши да го направи последниот чекор: ги прогласи за нелегални сите системи за греење што беа базирани на фосилни материјали како нафта, јаглен, гас или сличен производ. Сите домаќинства беа приклучени на парно греење, а домаќинствата со пониски приходи добија субвенции за инсталирање на нова опрема за греење.

Уште во првата зима, квалитетот на воздухот се зголеми за повеќе од 40 %. Луѓето не можеа да поверуваат дека греењето на приватните домаќинства, како и на малите куќи, всушност, е главната причина за загадувањето на воздухот во нашите градови. Заедно со намалувањето на ЦО2-емисиите, нашите градови имаа 50 % почист воздух и станаа најчистите градови на цел Балкан, всушност во цела Европа.

Но, се случи подлабоко влијание во општеството на нашата земја: нашата држава инсталираше слични системи во регионите на Полог, Пелагонија, Охрид и во источна Македонија.

За неколку години, повеќето од 2.000 диви депонии што ги имавме во нашата земја, беа отстранети, поделени на суровини, повторно употребени, продадени или употребени за добивање топлинска енергија. Нашите земјоделски производи имаа највисок квалитет на цел Балкан, а туризмот стана еден од најважните приходи за државата, но и за малите компании.

Оттогаш пристапот на нашите влади се промени засекогаш: прифаќајќи дека живееме во мала земја и со ангажирање на сите, резултатите станаа многу подобри и многу побрзо спроведени. Кога правевме грешки, можевме веднаш да ги поправиме – заедно, придобивките беа подеднакво распределени на општеството и секој ја презеде одговорноста во нашата земја за тоа. Древните националистички и етнички концепти од 19 век, кои не предизвикаа ништо друго, освен процут на мафијата, скршени надежи кај луѓето, нееднаквост и уништена доверба, конечно, завршија и беа запаметени како што, всушност, се отсекогаш – изговори на неспособните за нерешавање на проблемите. Откако се промени нашиот политички систем на овој начин, луѓето во нашата земја повторно почнаа да го дишат свежиот воздух на слободата, имаа слобода да изберат слобода да станат најдобрата верзија од себе, слобода да уживаат во живеењето во најубавото место во светот – дома.

ИЗДВОЕНИ