Во амфитеатарот на Општина Ѓорче Петров, за првпат се одржа „ Еко-квиз 2025“ – натпревар посветен на еколошкото образование и зголемување на свеста кај најмладите за значењето на заштитата на животната средина кој обедини претставници од сите шест основни училишта од општината.
Натпреварот помина во позитивен дух, со многу енергија, знаење и тимска работа од страна на учениците, кои се натпреваруваа во повеќе категории поврзани со екологија и одржлив развој. Како што истакнаа организаторите, квизот не е само натпревар, туку и важна порака дека младите се клучни носители на еколошките промени.
Победници на првото издание беа учениците од ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, кои ќе добијат ново еко-игралиште, изработено од природен дрвен материјал.
Игралиштето ќе биде поставено во училишниот двор, како дополнителна мотивација за развивање на еколошката култура уште од најмали нозе.
На секој учесник му беше доделен еко-медал, изработен од еколошки и природен материјал, како симболично признание за учество и покажано знаење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна дека со вакви настани не само што ја едуцираме младината, туку и градиме општество со поголема еколошка свест.
-Горди сме што нашите ученици покажуваат знаење, ентузијазам и вистинска грижа за природата. Ова е чекор напред кон позелена и поодговорна иднина – изјави Стојкоски.