Екипата од Брисел сака војна, ситуацијата е сериозна, смета Орбан

51
EPA/THOMAS TRAASDAHL DENMARK OUT

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес од Копенхаген, каде што се одржува неформален состанок на шефовите на држави и влади на ЕУ и самит на Европската политичка заедница, објави остар коментар на X.

„Копенхаген, втор ден. Ситуацијата е сериозна. На маса се отворени предлози за војна. Тие сакаат да ги предадат средствата од ЕУ на Украина. Тие се обидуваат да го забрзаат пристапувањето на Украина со сите можни правни трикови. Тие сакаат да финансираат испораки на оружје. Сите овие предлози јасно покажуваат дека тимот од Брисел сака војна. Јас цврсто ќе се држам до унгарскиот став, но овој самит исто така докажува дека наредните месеци ќе бидат обележани со закана од војна. Ќе ни треба поддршка од целата политичка заедница и од секој Унгарец кој копнее по мир“, напиша Орбан.

Од вчера во данската престолнина се одржува неформален состанок на шефовите на држави и влади на ЕУ, а самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) продолжува денес. Домаќин е данската премиерка Мете Фредериксен, а состаноците се посветени на безбедноста на Европа, хибридните закани, миграцијата и поддршката на Украина.

Според извештаите од терен и официјалните информации од Советот на ЕУ, лидерите разговараат за предлогот за користење на дел од замрзнатите руски средства за финансирање на Украина, забрзување на процесот на пристапување на земјата во ЕУ и обезбедување дополнителни средства за воена помош. Данска и другите членки предупредуваат на растечката опасност од хибридна војна и потребата од зајакнување на одбранбената соработка.

На состанокот се споменува и концептот на таканаречениот „ѕид против дронови“ – заедничка европска мрежа за надзор и одбрана од беспилотни летала – откако беа регистрирани упади на беспилотни летала во воздушниот простор во неколку земји-членки.

Иако постои широк консензус за потребата од поголеми инвестиции во безбедноста, предлозите за користење на замрзнатите руски средства и забрзаното пристапување на Украина се поделени меѓу земјите-членки.

ИЗДВОЕНИ