ЕКИПА НА ВЕЧЕР ВО ОБИКОЛКА НА ОПШТИНИТЕ КАДЕ ШТО СЕ ВОДЕШЕ НАЈНЕИЗВЕСНА БИТКА, ГЛАСАЧИТЕ ОПТИМИСТИ: Ќе ги огрее ли општините?

При обиколката на гласачките места, екипата на ВЕЧЕР во Карпош забележа граѓани кои на гласање одеа и со патерици, сè со цел да ја исполнат граѓанската должност, но и да помогнат да најдат излез од бројните проблеми со кои се соочуваат Општината и Градот Скопје. Во Општина Центар, пак, граѓаните што гласале отворено кажуваат дека не очекуваат дека многу од ветувањата воопшто и ќе се исполнат. На гласачките места сè се одвиваше во најдобар ред, без проблеми. На едно од нив, на влезната врата забележавме истакнато сонце, труд на учениците направен на некој од часовите. Симбол на светлината, на животот, на енергијата е она што го среќаваат граѓаните што доаѓаат да изберат нови градоначалници кои ќе треба да донесат решенија за бројните проблеми со кои се среќаваат како скопските, така и сите македонски општини. И по што, единственото прашање што се наметнува е: дали по овие избори, сонце ќе ги огрее и општините и нивните жители за да имаат што помалку проблеми

100

Со голем напор бидејќи можеше да се движи само со патерици и со помош на сопругата, постар скопјанец денеска излезе од гласачкото место број 2606 што беше сместено во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во скопската општина Карпош. Брачната двојка само што беше завршила со гласањето за избор на градоначалник на оваа општина, но и на Градот Скопје и се упатија кон дома. Ги запревме за момент за да ги прашаме од каде толкава желба да се дојде на гласачкото место дури и тогаш кога тоа предизвикува очигледни болки. Постариот скопјанец, кој не сакаше да ни го каже своето име, веднаш ни одговори дека гласањето е нешто што не смее да се пропушти.

– Мора да се гласа, сите треба да го направиме тоа. Мора да се изберат градоначалници, мора да се напредува – ни рече тој продолжувајќи го патот. Неговата сопруга кусо додаде дека биле на гласање и пред две недели, во првиот круг.

– Тогаш дојдовме со количка, но сега не сакаше така. Сакаше да дојде пеш. Ако, ќе издржиме, само да биде подобро во општината и во градот. Многу проблеми се натрупаа и вака ќе почне да се менува нешто – ни рече таа.

Овие сопружници денеска беа само дел од жителите на скопската општина Карпош кои излегоа на гласање. Во оваа општина се водеше еден од најнеизвесните дуели за избор на општински градоначалник откако по првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, со 10.284 гласови оствари предност пред кандидатот и лидерот на Гром, Стевче Јакимовски, кој доби 8.751 глас. За битката, практично, беше решавачко тоа на чие конто ќе отидат гласовите што ги освоиле отпаднатите кандидати – Маја Мојсова од СДСМ – 3.827, Антонио Димитров од Левица – 2.802 и независната кандидатка Невена Георгиевска – 2.669… Неизвесноста и значењето на оваа скопска општина придонесе во неа во текот на целиот ден да има нешто поголем одѕив во споредба со останатите. Така, во 18.30 часот процентот на излезност во Карпош изнесуваше 48,09 отсто, а што беше меѓу највисоките во споредба со останати 31 општина и Градот Скопје, каде што просекот беше 33.82 отсто. Во првиот круг, инаку, одѕивот во Карпош беше 52,42 отсто од запишаните 56.856 избирачи. Тоа, се чини, се должеше на голема мотивираност на жителите на Карпош да излезат на гласање. Па, така, луѓе кои постојано доаѓаат на гласачки места беше она што го забележуваше нашата новинарска екипа додека обиколувавме неколку основни училишта во кои беа лоцирани. Терминот на доаѓањето на граѓаните на гласачките места, се чини, беше условен и со посетата на гробиштата во Скопје од страна на граѓаните кои тоа не успеале да го направат завчера, кога се одбележуваше верскиот празник Митровденска Задушница. Голем број на граѓаните и вчера ги посетуваа почивалиштата на своите најблиски и поради тоа одењето на гласачките места го планираа врзано за тој обред.

Нови згради предизвикаа долги редици на гласачки места

А на гласачките места сè се одвиваше во најдобар ред, без проблеми. На едно гласачко место, на влезната врата среќаваме истакнато сонце, труд на учениците направен на некој од часовите. Симбол на светлината, на животот, на енергијата е она што го среќаваат граѓаните што доаѓаат да изберат нови градоначалници кои ќе треба да донесат решенија за бројните проблеми со кои се среќаваат како скопските, така и сите македонски општини. И по што, единственото прашање што се наметнува е: дали по овие избори, сонце ќе ги огрее и општините и нивните жители за да имаат што помалку проблеми.

Малку поголема редица затекнавме на гласачкото место 2620 во основното училиште „Братство“, каде што беа наредени десетица граѓани. На него за гласање беа запишани жителите на дел од булеварот „Партизански одреди“, улицата „Глигор Чемерски“, „Томе Серафимовски“, „Никола Бојаџиу“…

– Пак има редица како во првиот изборен круг. Тогаш чекавме цели 40 минути, сега пак чекаме. Ова гласачко место опфаќа населба Тафталиџе 2 во која се направени дури седум нови згради и сега тие станари се впишани на ова гласачко место. Оттаму и редицата. Мислам дека треба да се отвори уште едно гласачко место – ни рече Татјана Гоговска, жителка на оваа населба.

Она што беше забележително на неколкуте останати гласачки места беше тоа што внатре немаше набљудувачи на гласањето. Целата процедура на гласањето ја раководеа избирачките одбори и сето тоа се одвиваше во најдобар ред. Исто така било и во првиот изборен круг и оттаму, сигурно, учесниците во изборите решиле да не праќаат свои посматрачи бидејќи сметале дека нема да се дозволат никакви неправилности. Во Универзитетот „Скопје“, лоциран на булеварот „Партизански одреди“ имаше само едно гласачко место. Од одборот ни кажуваат дека одѕивот е нешто како во првиот круг и дека не се појавиле никакви проблеми. Граѓаните, пак, доаѓаат со надеж дека од понеделник ќе се знае кој за што е одговорен во општината и во градот.

– Слушнавме навистина многу ветувања. Јас сакам да верувам дека добар дел од нив ќе се реализираат и дека со нив ќе биде подобро да се живее во градот. Овој период што е зад нас не беше добар. Не сакам да ни се повторат кавгите и префрлање на одговорноста за тоа кој треба да ги исчисти улиците, кој да го собере ѓубрето, за тоа зошто немаме доволно вода кога имаме најбогат извор. Гласав оти мора да се надеваме – ни вели една скопјанка откако го даде својот глас.

Надвор, по должина на булеварот „Партизански одреди“, пак, истата слика што граѓаните веќе со недели и недели ја гледаат. Преполни контејнери, тротоари покриени со опаднатите лисја, отпадоци на тревниците… Таков е целиот пат кон основното училиште „Вера Циривири-Трена“ во населбата Карпош 2, каде што има неколку гласачки места. И таму граѓаните што живеат околу булеварите „8 Септември“, „Илинден“, улицата „Руѓер Бошковиќ“… доаѓаат најчесто во друштво на сопружниците. Од гласачкото место 2629 ни велат дека излезноста и тука е слична на онаа од пред две недели.

– Слично е како и тогаш. Но, очекуваме повеќе гласачи да дојдат во попладневните часови, пред затворањето на гласањето – ни рекоа од гласачкиот одбор.

Гласаат од непомирување со лошата состојба во градот

Сличен поголем одѕив забележавме и на територијата на скопската општина Центар. Во неа до 18.30 часот одѕивот беше 46,14 проценти од запишаните 44.109 гласачи, а во првиот круг на крајот од гласањето било забележано дека гласале 50,66 проценти. Луѓе кои доаѓаат во бранови забележавме и во дворот на основното училиште „Коле Неделковски“, во чиј приземен дел имаше пет гласачки места. На излезот од местото кое беше означено со бројот 2866 сретнавме брачна двојка која ни рече дека нејзините очекувања од овие локални избори не се големи.

– Се мислевме дали воопшто и да излеземе да гласаме. Но, на крајот, си рековме дека тоа е и обврска за да почне нешто да се прави за градот. Многу проблеми се натрупаа во градот и во општината. Слушнавме многу, многу ветувања. Но, не веруваме дека ниту половина од нив ќе се остварат – ни рекоа тие.

Патот кон другото гласачко место ја има истата слика како онаа на подрачјето на соседната општина Карпош. Пред влезот во дворот на основното училиште „Јохан Хајнирх Песталоци“ наидуваме на подземни контејнери со купишта смет околу нивните отвори, очигледно, несобрано цел викенд. Влезот во ова познато центарско училиште, пак, е веќе значително стеснет со две висококатници, чија градба е во тек. Нехигиената и новите бетонски градби, инаку, се најголемите проблеми и во оваа централна скопска општина. Околу нивното решавање големи ветувања дадоа двајцата кандидати кои беа предмет на изјаснувањето на граѓаните: Горан Герасимовски од СДСМ со освоените 8.535 гласови и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ со 5.707 гласови. Но, и тука за нечија победа ќе бидат решавачки гласовите на кандидатите кои испаднале во првиот круг: на независната Биљана Ивановска која освои 4.465 гласови и на Марија Среброва од Левица со 2.121 глас.

Единствена слободна површина е училишниот двор во кој вчера имаше многу деца кои спортуваа, но и родители кои одењето на гласањето го врзаа со престојот на слободниот простор. Внатре гласањето се одвиваше во најдобар ред, без редици и без подолго чекање.

– Гласав, а што ќе биде од понеделник, ќе видиме. Излегов да го дадам својот глас бидејќи не можам да се помирам дека овој град дојде во така лоша состојба во каква што никогаш не бил – ни рече еден граѓанин.

Надвор од училишниот двор, по булеварот „Партизански одреди“, околу 16 часот забележавме камион за собирање смет на градското претпријатие „Комунална хигиена“, кое неодамна доби нов директор по притворањето на неговиот претходник поради несобирањето на сметот. Вработените ги подигаа контејнерите чиј отпад се истоваруваше во камионите и со што тротоарите се ослободуваа од наталожениот смет. Дали тоа беше и некој вид најава дека деновите што доаѓаат ќе донесат подобрување, останува да се види… (Б. Ѓ.)

Старите имиња на улиците уште во описите на избирачките места

Нашата обиколка на избирачките места откри и тоа дека сè уште во оптек се и старите имиња на улиците и на булеварите во Скопје, сменети пред повеќе години. Така, на пример, во описот на избирачкото место 2866 во ОУ „Коле Неделковски“ во скопската општина Центар сè уште фигурира името булевар „ЈНА“, при што е наведено дека се опфатени парни броеви од 02 до 034. Но, истовремено, во описот е наведено и новото име на тој булевар, односно, булевар „Свети Климент Охридски“ кој ги опфаќа истите броеви – 03 до 034. На другите гласачки места, покрај името на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ го забележавме и неговото старо име „Иво Лола Рибар“ со броевите 054 до 062. Постои и старата улица „Ленинова“ со броеви 042 до 058, но и нејзиното ново име „Аминта Трети“…

 

ИЗДВОЕНИ