петок, јули 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕК за македонското судство: Притисоците од другите власти врз судството предизвикуваат сериозна...

ЕК за македонското судство: Притисоците од другите власти врз судството предизвикуваат сериозна загриженост

26

Политичките притисоци врз судството, намалената доверба на граѓаните, недостигот од финансиски средства и кадар, како и слабите резултати во борбата против корупцијата, остануваат меѓу најсериозните проблеми на македонскиот правосуден систем, се наведува во годишниот Извештај на Европската Унија за владеењето на правото.

Во документот се оценува дека избраните функционери и владините претставници ги засилиле личните критики кон судиите и обвинителите, обвинувајќи ги и за корупција, а најавите за „прочистување“ на судството и обвинителството, дадени од највисоките владини претставници, носат ризик да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта.

Извештајот покажува и дополнително опаѓање на довербата во судството. Во 2026 година само 21 отсто од граѓаните и 19 отсто од компаниите сметаат дека независноста на судовите и судиите е добра или многу добра, додека една година претходно тие проценти изнесувале 28, односно 26.

Како главни причини за ниската доверба се наведуваат перцепцијата за мешање и притисок од Владата и политичарите, како и влијанието на економски и други посебни интереси врз работата на судството.

Во извештајот е нотирана и постапката за разрешување на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски. Европската Унија наведува дека Владата ја продолжила постапката и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители, а засегнатите страни оцениле дека случајот претставува негативен преседан со потенцијално сериозни последици за автономијата на Јавното обвинителство и владеењето на правото.

Брисел предупредува и дека независноста на судството и обвинителството е нарушена поради недоволното финансирање. Средствата што се издвојуваат од Буџетот остануваат под законскиот минимум, додека Министерството за финансии и натаму има клучна улога при одобрувањето на нови вработувања.

Како дополнителен проблем се посочуваат измените на законите за платите на судиите и јавните обвинители, со кои беа намалени коефициентите за пресметка на нивните примања. Според извештајот, обвинителите предупредиле дека ваквите решенија можат негативно да влијаат врз независноста на обвинителството.

Европската Унија констатира дека најголем предизвик за квалитетот на правдата останува недостигот од судии, обвинители и стручен кадар. Дополнително, Академијата за судии и јавни обвинители не примила нова генерација слушатели, а нема доволно средства ниту за вработување помошен персонал.

Во документот се наведува и дека ефикасноста на судските постапки продолжува да опаѓа, при што се зголемува времетраењето на постапките во речиси сите области, освен кај кривичните предмети.

Во делот за борбата против организираниот криминал и корупцијата, Европската Унија оценува дека и покрај одредените истраги против актуелни и поранешни високи функционери, недоволниот број правосилни пресуди, ограничените ресурси, несоодветната законска рамка и одолговлекувањето на судските постапки и натаму го попречуваат создавањето силни предмети за корупција на високо ниво.

Извештајот заклучува дека работата на Јавното обвинителство и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и понатаму е оптоварена со растечки број предмети, недостиг од јавни обвинители, застарена техничка опрема и недоволни финансиски средства.

ИЗДВОЕНИ