Европската комисија по повод неодамна одржаниот концерт на Марко Перковиќ-Томпсон, познат по истакнувањето на усташка симболика во своите песни и настапи, вчера соопшти дека остро го осудува секој израз на фашизам кој потсетува на најмрачните периоди од европската историја.
Комисијата потсети и дека земјите членки на Европската Унија се обврзани кривично да го санкционираат говорот на омраза.
– На ниво на ЕУ постои Рамковна одлука за борба против расизмот и ксенофобијата, со која земјите членки се обврзани кривично да го санкционираат говорот на омраза. Тоа вклучува јавно поттикнување на насилство или омраза кон поединци или групи врз основа на раса, боја на кожа, вера, потекло или национална, односно, етничка припадност, наведува ЕК во соопштението.
Се потсетува дека земјите членки се обврзани кривично да го гонат и јавното одобрување, негирање или грубо намалување на злосторства како што се геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Томпсон е познат по глорифицирањето на усташтвото во своите песни и настапи, на кои често го извикува „За дом спремни“, официјален поздрав во нацистички ориентираната Независна Држава Хрватска и кој се смета за еквивалент на нацистичкиот повик „Зиг хајл“. Неговите концерти беа забранети во Холандија, Германија, Швајцарија и Словенија, држави кои го опишуваат како промотор на неонацизмот и усташтвото.
Европската комисија против расизам и нетолеранција освен Хрватска, вчера ги повика и Шведска, Португалија и Латвија да преземат построги мерки против говорот на омраза и онлајн омразата.