„Ехоата на Зал`ахим“ на Војдан Андонов (сценарио) и Марко Марковиќ (цртеж) е прогласен за најдобар македонски стрип на 22. Меѓународен стрип-салон „Велес 2025“ кој завчеравечер беше отворен во просториите на Европската куќа во овој град.
Првата награда „Златен стрип“ ја освои „Мрак“ на Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж) од Србија. Втората награда „Златен стрип“ за „Back to the past“ отиде во рацете на Никола Видачковиќ, Србија (сценарио) и Игор Јовчевски, Македонија (цртеж), додека третата награда ја освои стрипот „Залогај“ на Далибор Дадо Пехар, Хрватска.
Наградата за најдобро сценарио ја доби стрипот „Проклета авлија“ на Марко Стојановиќ, Србија, додека за најдобар уметнички израз е награден „Души“ на Марко Стојановиќ, Србија (сценарио) и Vassilis Gogtzilas, Грција (цртеж).
Во рамките на настанот се доделени и специјални награди за млади автори во соработка со Европска куќа Велес.
Овие признанија ги добија стриповите насловени „Родна Ивева – не умре од куршум умре од предавство“ на Меланија Стојанова (сценарио и цртеж) и Анџело Џипунов (сценарио), Велес, „Тешки времиња“ на Александар Танчовски (сценарио и цртеж), Скопје и „Strum!“ на Тамара Николова, Велес.
Специјална награда – Најмлад учесник, пак, му беше доделена на Марко Купенков (7 години) од Скопје за „Фудбал со изненадувања“. Како најдобар дебитантски стрип е прогласен „Само фантазија“ на Ања Стојадиновска, Куманово.
Исто така, доделена е и наградата за најдобар стрип во категорија до 14 години која ја делат: „Чудното чупе“ на Теона Чаловска, Битола и „Помирување во практика“ на Вук Стојановиќ – Лесковац од Србија. Дипломата во оваа категорија ја доби стрипот „Сонот на Вера“ на Христина Здравковски, Велес.
Наградата за најдобар стрип во категорија до 18 години е доделена на стрипот „Добро утро“ на Магдалена Марјановиќ од Ресен, а дипломата во оваа категорија ја доби стрипот „Волшебно кученце“ на Андреа Младеновска од Скопје.