Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе одлука за скандалот кој што го приреди грчки АЕК Атина на реванш финалниот натпревар со Алкалоид во Скопје, во финалето во Европскиот Куп.

Имено, ракометарите на АЕК одбија да истрчаат на терен и со тоа натпреварот беше одложен. Причината за оваа одлука на грчкиот тим е поради заканите кои што добиваше раководството од страна на своите навивачи. Но, тоа не е проблем ниту на ЕХФ, а најмалку на нашиот финалист.

Затоа од европската куќа на ракометот по приложување на доказите од двете екипи зошто мечот не е одигран и зошто случувањата беа такви какви што беа, донесоа логична и праведна одлука – натпреварот во Скопје ќе биде впишан со службена победа на Алкалоид, што значи дека македонскиот тим е освојувач на Европскиот Куп!

„ЕХФ Судот за ракомет увиде дека АЕК задолжително мораше да учествува на закажаниот натпревар. Со одбивање ги прекрши правилата и регулативите на ЕХФ и е виновен.  Резултатот од реванш дуелот од финалето на Европскиот куп на ЕХФ 2024/25 меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина е 10:0 и 2:0 во победи. Првиот меч заврши со 29:25 за РК Алкалоид.

Така, РК Алкалоид е победник на Европскиот куп на ЕХФ за сезоната 2024/25“, стои во соопштението на ЕХФ.

По оваа одлука тимот на Кирил Лазаров станува трет македонски тим со европски трофеј, по Вардар 1961 и Кометал Ѓорче Петров кои ја освоија Лигата на шампионите.

ИЗДВОЕНИ