Во моето творештво многу сакам да користам научна фантастика, киберпанк и магичен реализам. За мене нема ништо позабавно од мешањето на реалниот живот и документарноста и да ги раскажувам преку фантастиката, рече авторот Александар Русјаков на промоцијата на својата нова збирка раскази „Егосурфер“, додавајќи дека расказите имаат потенцијал за филм, серија или видеоигра. Еден од нив е веќе екранизиран – режисерот Игор Алексов го сними краткиот филм „Сонот за крвта и душата“, според расказот „Крвта и душата“

Научната фантастика не треба да ја предвиди иднината, туку да ја спречи. Со оваа мисла на Реј Бредбери, авторот Александар Русјаков ја заокружи промоцијата на својата нова книга „Егосурфер“, што се одржа деновиве во преполната книжарница „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Промоторка на книгата беше уредничката Бисера Бендевска, која истакна дека збирката раскази содржи умешен спој меѓу жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк. „Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Александар Русјаков тоа го прави многу пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го „меле“ своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричноста и сатиричноста“.

На прашањето која е потребата да се пишува научна фантастика кога веќе ја живееме таа стварност, Русјаков одговори:
– Научната фантастика никогаш нема да замре, бидејќи авторите на тој жанр се толку креативни што со своите визии за иднината можат да ја вознемират сегашноста (која сè повеќе наликува на научна фантастика). Во моето творештво многу сакам да користам научна фантастика, киберпанк и магичен реализам. За мене нема ништо позабавно од мешањето на реалниот живот и документарноста и да ги раскажувам преку фантастиката.

Русјаков истакна дека не го загрижува подемот на новите технологии и стравувањата дека во иднина, вештачката интелигенција ќе ги замени авторите.
– Технологијата е само алатка. Каменот може да се искористи за кршење ореви, но и за кршење глави. Зависи што ќе избере оној што го држи во рака. Не се плашам од подемот на новите технологии. И покрај нивниот развој, сметам дека литературата никогаш нема да умре. Дури и да замислиме општество во кое книжевноста е забранета, писателите имаат бескрајно голема фантазија која не може да ја замени ниту една технологија. Во ова ново, лудо време, јас не ги следам слепо технолошките трендови, убеден сум дека технологијата не може да го следи умот на писателот. Таа не може ниту да нè зароби, ниту да нè ослободи – сè зависи од човековиот избор. Кога ќе слушнете дека вештачката интелигенција ќе нè уништи, завладее или изопачи, всушност, слушате човечки глупости и изговори за сопствените погрешни избори и постапки. Што се однесува до мене, не сум многу умешен со новите технолошки појави, но ниту ги мразам ниту сум вљубен во технологијата.

На прашање од публиката, што значи насловот на збирката, Русјаков кажа:
– Егосурфер е професија. Знам, звучи чудно. Но, во фантастиката, особено во киберпанкот, ништо не е чудно кога е навистина чудно. Во истоимениот расказ, по кој се нарече и целата збирка, егосурфер е сосема обична, а во исто време, крајно необична професија што ја извршува главниот лик. Почетен импулс или конкретна инспирација за оваа збирка немаше. Јас уште од дете ја сакам фантастиката. Растев со Жил Верн и никогаш не престанав да читам научна фантастика, киберпанк и хорор. Реј Бредбери, Урсула ле Гвин, Френк Херберт, Џин Волф, Вилијам Гибсон, Филип К. Дик, Лавкрафт, Клајв Баркер, Лиу Цисин и многу други автори имаа силно влијание врз мене. Расказите во „Егосурфер“ не се пишувани одеднаш – ги создавав во текот на изминатите дваесет години, а сега почувствував дека им е време за објавување – рече Русјаков.

На прашањето колку ликовите во „Егосурфер“ се жртви на светот во кој живеат, а колку на сопствените избори, авторот вели:
– Светот и денес е духовна дистопија. Поединецот е жртва на заблудите за комфор, консумеризам, брза заработка, опседнатост со технологијата, па дури и борбата за некаква правда која, за некој друг, повторно станува неправда. Живееме во време кога дури и конспирациите со кои нè плашат, одеднаш стануваат документарен филм во кој учествуваме. Фантастиката е тука за да си игра со таа документарност. Мислиме дека читаме нешто надреално, а неколку дена подоцна, тоа истото нереално нè чека зад аголот – подготвено да нè зграпчи.

Инспирацијата за „Егосурфер“ доаѓа и од филмовите и од сериите со слична тематика.
– Тарантино вели дека од генијална книжевност често излегуваат лоши филмови, а од лоша книжевност – филмски ремек-дела. Но, фантастиката знае да игра поинаку. „2001: Одисеја во вселената“ на Кјубрик излезе пред романот на Артур Кларк и според мене, филмот е подобар. Од „Пикник крај патот“ на браќата Стругацки, Тарковски го создаде „Сталкер“. Истото го направи и со „Соларис“ од Лем. „Блејд Ранер“, „Дина“ на Херберт во режија на Денис Вилнев – сето тоа покажува дека книжевната фантастика најде совршена почва во филмската нарација – вели тој и додава дека расказите од „Егосурфер“ имаат потенцијал за филм, серија или видеоигра. Еден од нив е веќе екранизиран – режисерот Игор Алексов го сними краткиот филм „Сонот за крвта и душата“, според расказот „Крвта и душата“.

„Егосурфер“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Александар Русјаков (1977, Велес), завршил ФДУ во Скопје, катедра за филмска и ТВ-режија. Автор е на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм, како и драмски текстови, како и на поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни, „Голтка восхит од солзите на вечноста“, автологијата „Нема стих, нема мир“, расказите „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“,„Курвински хроники“, „Албино трип“ и „Хотел меѓу две војни“, кој ја освои наградата „Пегаз“ (за најдобар необјавен роман во 2021 година) и е добитник на „Рациново признание“ за 2022 година.

ИЗДВОЕНИ