Едномесечен пробен период на „Безбеден град“: Од денес се снимаат сообраќајни прекршоци – во декември опомени, казни од јануари догодина

24

Од денес, камерите поставени на сообраќајниците во склоп на системот „Безбеден град“ ќе забележуваат прекршоци во сообраќајот во текот на едномесечен пробен период, пред комплетното стапување во сила на системот, планирано за почетокот на идниот месец.

За време на тест периодот, возачите ќе добиваат опомени, без наметнување на санкции.

Според информациите, во почетната фаза ќе се регистрираат прекршувања на сообраќајните правила, како што се: возење со брзина над дозволената, поминување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и неправилно паркирани возила.

Во наредната етапа ќе се зголеми бројот на сообраќајни прекршоци кои ќе бидат регистрирани од електронскиот систем.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за МИА изјави дека проектот „Безбеден град“ ќе започне со работа на 1 јануари 2026 година, а граѓаните ќе имаат еден месец пробен период за да се информираат пред официјалниот почеток.

За имплементација на системот во минатиот период се работеше на пакет законски измени. Системот ќе функционира во соработка со граѓаните преку нивните мобилни уреди.

„Проектот има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да воспостави поефикасен систем на превенција и санкционирање преку дигитална комуникација со граѓаните“ – изјави Тошковски.

ИЗДВОЕНИ