Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека украинската делегација води речиси континуирани преговори со своите американски колеги со цел да се постигнат резултати што „ги почитуваат интересите на украинскиот народ“, нагласувајќи дека некои прашања, особено оние поврзани со териториите, не се едноставни.
Одговарајќи на прашања од новинарите, Зеленски рече дека прашањето за териториите е „болно“ и тешко за решавање. Тој изјави дека не верува оти САД самите наметнуваат територијални барања, туку дека ги пренесуваат барањата на Русија. Според него, безбедносните гаранции се од суштинско значење за секој договор и иако постојат различни ставови за териториите, Украина е подготвена да работи на постигнување силен мировен договор.
„Не сите прашања се лесни. Постојат многу сложени теми, особено кога станува збор за територии. Имаше многу дијалог за овие прашања и, искрено кажано, досега има различни позиции. Но, мислам дека моите колеги го слушнаа мојот личен став и ми е мило што можев лично да го пренесам“, рече Зеленски во Берлин на заедничка прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц, објави украинскиот јавен сервис „Суспилне“.
Зеленски нагласи дека сите страни се подготвени продуктивно да работат за да најдат решенија „со почитување на Украина“ со цел да се приближи крајот на војната.
„Украина е подготвена да продолжи да работи со максимален квалитет, конструктивно и искрено, за да биде цврст конечниот договор. Денес ќе има повеќе состаноци и сè координираме детално, вклучително и со канцеларот Мерц“, рече Зеленски.












