Едно лице загина, а најмалку 20 мигранти се водат за исчезнати во бродолом кај италијанскиот остров Лампедуза

25

Бројот на мигранти кои се водат како исчезнати во бродолом во водите под јурисдикција на зоната за пребарување и спасување на Малта се искачи на најмалку 20, а најмалку едно лице е загинато.

Досега се спасени 11 лица, а операцијата за спасување е сè уште во тек, објави италијанската новинска агенција Анса.

Операцијата ја координира Центарот за координација на спасување на Малта (RCC), откако бродот беше забележан преку ноќ, околу 50 наутички милји југоисточно од италијанскиот остров Лампедуза.

Досега се спасени 11 лица, додека телото на еден мигрант е пронајдено, а според преживеаните, околу дваесет други сè уште се водат како исчезнати.

Операцијата започна кога извидувачки авион на италијанската крајбрежна стража „Манта 10-03“, вклучен во редовни патроли, го забележа превртениот брод и веднаш спушти чамец за спасување.

Во операцијата учествуваат италијански единици од островот Лампедуза, малтешки патролен авион, товарен брод кој беше пренасочен кон зоната на несреќата и авион од Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).

Товарниот брод првично спаси четири мигранти, кои потоа беа префрлени на патролен брод на италијанската крајбрежна стража.

Патролните бродови на италијанската и малтешката крајбрежна стража, исто така, треба наскоро да пристигнат во зоната на несреќата, со дополнителна поддршка од авиони на италијанската крајбрежна стража.

Операцијата за пребарување и спасување продолжува под координација на малтешките власти.

ИЗДВОЕНИ