Во директен судир на две патнички возила попладнево околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес загинал маж, а 18-годишно момче е тешко повредено. Увид направила екипа на СВР Штип, потврдија за МИА од МВР. На местото на настанот била повикана и екипа на Противпожарната единица од Велес.
Од Министерството за внатрешни работи велат оти во несреќата учествувале две патнички возила кои се судриле директно, а увид на местото извршила екипа на СВР Штип. На терен интервенирала и екипа на Противпожарната единица од Велес.
Од Итната медицинска помош при Здравствениот дом Велес за МИА изјавиле дека повикот за интервенција го добиле во 14:20 часот, а за околу десет минути пристигнале на местото на несреќата.
Д-р Елена Најдовска изјави дека констатирале смрт кај повозрасен маж од едното возило, кој починал на самото место на директниот судир. Рече дека веднаш му укажале лекарска помош на 18-годишното момче од Струмица кое било во другото возило. Имал повреди на карлица, на десно колено и на главата, но бил свесен и контактибилен.
По укажаната прва медицинска помош, екипата од Итната помош го пренеле повреденото момче на понатамошно лекување во Ургентниот центар во Општа болница Велес.
Екипа на СВР Штип прави увид на местото по што ќе бидат соопштени детали за несреќата.
Автомотосојузот на Македонија во вонреден извештај попладнево информираше дека сообраќајот на експресниот пат Штип – Велес е во прекин во двата правца.