Министерството за внатрешни работи информираше дека ноќеска по тепачка меѓу две лица во Психијатриската болница Бардовци, едно од нив починало во болница, по повреди здобиени од убоди од стаклено шише.
„На 05.08.2025 во 01:38 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 00.50 часот во Јавната здравствена установа „Психијатриска болница Скопје “ во Бардовци, во соба на судскиот оддел, настанала физичка пресметка помеѓу осудениците Д.С.(35) од Неготино и И.Т.(62) од с.Љубанци, скопско. Притоа, од ударите со стаклено шише И.С. паднал во бесознание, по што бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што во 02.20 часот починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Д.С. е задржан во собата каде се случил настанот. Имено, Д.С. е осудено лице за сторено кривично дело „убиство“, додека И.Т. бил осуден за кривично дело „семејно насилство“. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во соопштението на МВР.