Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување со автохтони видови дрвја, приспособени на локалните климатски и почвени услови. Од кумановската подружница на Јавното претпријатие „Национални шуми“ информираат дека кај нив е двојно зголемено производството на садници. Годинава биле произведени околу 500.000 садници бел бор, црн бор, смрека, чемпрес, платан, келеутерија и останати садници за претстојното пошумување

 

Пожарите сè уште беснеат низ државата. Тие го уништија непроценливото богатство – шумите. За жал, експертите објаснуваат дека процесот на нивното обновување е долг и трае од 50 до 100 години. Пpиродниот процес на обнова е долг, опожарената површина првин се обновува со брзорастечки растенија, следува фаза на грмушки и нискостеблести растенија, дури по 50 до 100 години, за некои екосистеми и повеќе, се формираат и долговечни насади.

Најдобар начин за да се обноват шумите е активното пошумување со автохтони видови дрвја, приспособени на локалните климатски и почвени услови. Садењето мешани насади наместо монокултури, ја зголемува отпорноста од идни пожари и болести. Анализите покажуваат дека едно евро вложено во превенција на пожари може да заштеди до осум евра во нивно гаснење и санација.

Од кумановската подружница на Јавното претпријатие „Национални шуми“ информираат дека кај нив е двојно зголемено производството на садници.

Годинава биле произведени околу 500.000 садници бел бор, црн бор, смрека, чемпрес, платан, келеутерија и останати садници за претстојното пошумување.

– Минатата година, Македонија беше зафатена од огромен број пожари кои, за жал, зафатија огромни површини. Ние како раководство зедовме обврска и ветивме пред граѓаните дека максимално ќе се посветиме и на оваа проблематика, на производството на садници. Во периодот што претстои би ги вратиле на површините кои беа опожарени или, пак, се уништени и од дивите сечи, како и од климатските промени. Куманово како подружница има прекрасен расадник, кој, за жал, во минатото бил неискористен. Во 2023 година имала производство од некаде околу 200.000 садници, оваа година Куманово веќе има преку 500.000 садници што значи во најмала рака ќе биде дуплирано ова производство – изјави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.

Пошумувањето ќе се одвива согласно со плановите и можностите, онаму каде што има потреба, на опожарените површини од претходните години. Во расадникот во Свети Николе годинава ќе продуцираат над 600.000 садници, во Струмица, Делчево и останатите ќе има преку 150.000, а во останатите нешто помала количина.

– Генерално, производството на садници секаде е зголемено. Ние како раководство, повторно ќе се вратам една година претходно, на ниво на цела Македонија затекнавме, околу 800.000 садници кои ни беа на располагање во очи на големите пожари. Годинава, веќе одиме со бројка преку два милиони вкупно во сите расадници. Дел од расадниците, буквално беа пред затворање, така што ние  потрошивме огромен потенцијал за нивно чистење и средување. Максимално ќе се ангажираме да ги ставиме на располагање сите расадници и да направиме уште поголемо, милионско производство. Во периодот што претстои заедно со сите чинители, заедно со општествено одговорни компании, граѓаните, заедно со децата што минатата година покажаа огромен интерес ќе направиме пошумување – изјави Михаилов.

ИЗДВОЕНИ