Регресот за годишен одмор работодавците треба да го исплатат во периодот од 1 јули до 31 декември. Но, и покрај законската обврска, има вработени што нема да го видат на својата сметка, бидејќи некои работодавци, под превозот „финансиски тешкотии“, можат да не им го исплатат. Од друга страна, пак, има газди што, освен К-15, на своите вработени им исплаќаат и новогодишен бонус, а има работници што ќе земат и 13. плата

 

Работниците бројат ситно до исплатата на регресот за годишен одмор, кој годинава за работниците од приватниот сектор изнесува 18.141 денар, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец. За работниците од јавниот сектор, регресот за годишен одмор е во висина од најмалку 30 отсто од основицата или 12.372 денари. К-15 им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

Регресот за годишен одмор треба да се исплати во периодот од 1 јули до 31 декември. Многу работници ја очекуваат оваа сума со надеж, бидејќи често е единствениот „подарок“ што го добиваат за цела година. Но, и покрај законската обврска, има вработени што нема да го видат на својата сметка.

Во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со Колективниот договор. Многу газди ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 од само неколку илјади денари, а некои ни толку.

– Некои работници, освен регрес за годишен одмор, ќе добијат и новогодишен бонус и 13. плата, а некои ќе останат и без К-15, поради тоа што е во финансиски тешкотии. Некои фирми даваат и новогодишни бонуси, кои се движи од 50 до 200 евра. Има фирми што даваат и 13. плата, која ја викаме бонус-плата и таа им следува на работниците што имаат 150 часа прекувремена работа во текот на годината. Оваа 13. плата обично се исплаќа во март или во април и изнесува колку просечната плата за цела 2025 година, односно околу 45 илјади денари – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од ССМ потсетуваат дека во јавниот сектор, првпат право на К-15 добиле вработените во образованието, здравството, полицијата, Армијата и многу други.

Некои фирми, во договор со Синдикатот, го исплаќаат К-15 на рати. Од ССМ велат дека е дозволено и тоа со цел одеднаш финансиски да не се оптовари фирмата, но, сепак, мора да се почитува минимумот. Што се однесува до максималниот износ, тука нема ограничување, односно некои може да исплатат К-15 во износ на три просечни плати.

Ако вработените не го добијат законскиот минимум за К-15, можат да пријават во Синдикатот или во Државниот инспекторат за труд. За нивните работодавци се предвидува казна од 4.000 евра. Од нив, од 2.000 до 3.000 евра се предвидени за самата фирма, а од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во фирмата.

За разлика откај нас, во некои земји од регионот, освен К-15, задолжително се исплаќа 13. плата, плус новогодишен бонус.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ