среда, февруари 25, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Една третина од работниците ни се сиромашни, а имаме поголема куповна моќ...

Една третина од работниците ни се сиромашни, а имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Турција…

Наместо 37 илјади денари, минималецот во март ќе се зголеми на 26 илјади. ССМ ќе продолжи со протестите на улица по одбивањето на предлогот во Собранието, предупредувајќи за продлабочување на сиромаштијата. Според нивните анализи, околу 200 илјади вработени земаат плата под 30 илјади денари, односно една третина од работниците се под прагот на сиромаштијата. Од друга страна, власта тврди дека куповната моќ во Македонија е поголема од онаа во Чешка, Литванија, Турција...

98

Минималната плата од улица влезе во Собранието, но мнозинството пратеници не го слушнаа апелот за подобар животен стандард на најзагрозените граѓани. Барањето за зголемување на минималцот на 600 евра и за раст на другите плати за 6.000 денари повторно се враќа на улица. Прашањето за потребата од зголемување на платите  останува во фокусот на јавноста и дел од пошироката дебата за подобар животниот стандард и за борба против инфлацијата. Наместо 37 илјади колку што бараат синдикатите, минималецот во март, со законското усогласување, ќе изнесува 26 илјади денари.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека ќе ја продолжат борбата за минималецот со протести и генерален штрајк.

– Без разлика што предлогот за зголемување на минималната плата не помина на комисија, ние ќе продолжиме со планираните протести и со генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор, кој ќе се реализира до средината на март. Ако дотогаш не се изгласа ништо, работниците во март ќе го добијат само законското усогласување, односно ќе се зголеми минималецот само за 1.667 денари. Ако останеме на тоа, ќе продолжиме со блокади, протести и со штрајкови до исполнување на барањата за 600 евра минимална плата и 6.000 денари на сите други плати – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССК.

Од пратениците од владејачкото мнозинство, само пратеникот Миле Цеков од пратеничката група на движењето ЗНАМ – За наша Македонија го поддржа предлог-законот за зголемување на минималната плата.

– Првиот аргумент е дека имаме најниска плата во регионот, а највисока продуктивност. Продуктивноста од работен час изнесува 34 долари и е, можеби, една од повисоките во регионот. На пример, во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора имаат повисок минималец од Македонија, а помала продуктивност од работен час во однос на нашиот работник. Друг аргумент е што сегашната минимална плата не соодветствува со просечната инфлација, која изнесува 4,1 отсто. Поради високата инфлација, најголем дел од најниските плати оди за храна и за пијалаци. Поради тоа, државата треба да ги субвенционира придонесите за разликата од зголемувањето на минималната плата како што бараат работодавците – изјави Цеков за весникот ВЕЧЕР.

Според власта, минималецот не треба да се зголеми затоа што и со актуелната минимална плата, куповната моќ во Македонија е поголема од онаа во други европски држави.

– Можеме да имаме и минимална плата од 1.000 евра, но колку вреди таа плата? Ние имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Албанија, Црна Гора, Турција, но ние треба да ги достигнеме европските земји како Белгија, Германија, Хрватска… – рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Тој рече и дека во земјава, од околу 700.000 вработени, само 30.000 земаат минималец, но оти голем дел од нив се индивидуални трговци и, според него, „не зависат од својата минимална плата, туку од приходите што влегуваат во нивните фирми“.

Од опозицијата, пак, на собраниската дебата за повисок минималец посочија дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки како во 2022 година, кога се зголеми минималната плата во дијалог со работниците и со работодавците од 15.000 на 18.000 денари.

– Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на трудот и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците – рече потпретседателката на СДСМ, Јована Тречевска.

Таа посочи дека социјалниот дијалог во државата е трипартиски и Владата не може да биде само модератор, туку и активен учесник и партнер во социјалното договарање.

Според анализите на ССМ, за две години работниците загубиле околу 9.500 денари куповна моќ, поради тоа што не пораснале платите колку што треба. Во моментов, околу 33 отсто, односно околу 200 илјади вработени земаат плата под 500 евра и се наоѓаат под прагот на сиромаштијата од 31.200 денари. Овој јаз меѓу примањата и трошоците директно ја продлабочува сиромаштијата и го форсира иселувањето, особено на младите и на квалификуваните работници.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ