Една третина од граѓаните на Општина Штип го немаат подмирено данокот на имотот. Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип вели дека вкупно 6.800 решенија за данок на имот не се наплатени, согласно со предвидениот законски рок до 15 ноември 2025 година.
Тој нагласува дека за нив се изготвуваат опомени за наплата и ако навремено не ги подмират своите обврски за данок на имот, ќе се пристапи кон присилна наплата.
– Од издадените решенија за 2025 година, 18.500, досега се наплатени две третини и остануваат за наплата уште 6.800 решенија. За нив ќе бидат изготвени опомени за наплата и за оние што нема да платат, потоа следува и решение за присилна наплата. Оние што ќе си ги подмират обврските, ќе немаат таков проблем – изјави Каров.
Тој додава дека за граѓаните, кои не платиле до 15 ноември, ќе се пресметува камата, а потоа ќе се оди кон присилна наплата. Согласно со Законот за даноци, пред пристапувањето кон присилна наплата општинската администрација му доставува писмена опомена на даночниот обврзник за да ги плати даночниот долг, паричните казни и каматата во рок од осум дена од денот на доставувањето на опомената на последната адреса што ја пријавил кај нив.












