Една слика илјада зборови – во Ница за океаните, ама и за идентитетот

Кратка средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, имаше македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која, во Ница, учествуваше на Третата конференција на Обединетите нации за океаните. Покрај агендата за зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси, за разлика од другите учесници, Сиљановска-Давкова има и друга, национална агенда – борба за зачувување на македонските идентитет, јазик и култура, кои се загрозени токму со т.н. француски предлог, креација на Макрон. Овој предлог, кој го отвори патот за преговори со ЕУ, содржи елементи што ја условуваат македонската европска перспектива со прифаќање на бугарските барања, вклучувајќи и промени во Уставот и историски отстапки

999

Кратка средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, имаше македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, која, во Ница, учествуваше на Третата конференција на Обединетите нации за океаните. Покрај агендата за зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси, за разлика од другите учесници, Сиљановска-Давкова има и друга, национална агенда – борба за зачувување на македонските идентитет, јазик и култура, кои се загрозени токму со т.н. француски предлог, креација на Макрон. Овој предлог, кој го отвори патот за преговори со ЕУ, содржи елементи што ја условуваат македонската европска перспектива со прифаќање на бугарските барања, вклучувајќи и промени во Уставот и историски отстапки. До затворањето на весникот, немаше информација дали побарала македонската претседателка поддршка од својот француски колега во однос на бугарските барања за внесување на Бугарите во преамбулата, но и инсистирањето на официјално Скопје прво земјава да добие гаранции од меѓународната заедница дека нема да има други барања, па тогаш да го промени Уставот.

– Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата – напиша претседателката во објавата на својот фејсбук-профил.

Таа присуствуваше и на приемот во чест на високите гости организиран од претседателот Макрон.

Ден претходно, македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, испрати порака дека ќе биде усвоен извештајот за напредокот на Македонија, затоа што „цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет“.

– Оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во изминатата нецела година, вратија голем дел од позициите на меѓународен план, тоа што го продадоа овие од СДСМ и денеска со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија и во Минхен, победуваме и во Берлин, и во Лондон, и во Брисел, и во Вашингтон зборуваме за нашата Македонија. Тој извештај ќе биде усвоен, затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет. И тоа ќе го поддржат. За македонскиот јазик, кој е факт – рече Мицкоски во обраќањето на Годишната конференција на УМС на партијата.

Во исто време, Бугарија продолжува со засилен притисок врз институциите на Европската Унија, откако 17-мина бугарски европратеници упатија писмо до Европскиот парламент, барајќи поцврста линија кон Македонија. Бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, отиде чекор понатаму, јавно повикувајќи на смена на известувачот за Македонија, Томас Вајц, поради, како што рече, пристрасниот пристап кон прашањата поврзани со македонско-бугарските односи.

– Го повикувам раководството на Европскиот парламент, особено претседателката Роберта Мецола, сериозно да го разгледа писмото на нашите европратеници. Односот на Вајц не е во согласност со реалноста на билатералните предизвици со Македонија – ја пренесоа бугарските медиуми изјавата на Јотова.

Бугарскиот претседател, Румен Радев, пак, повтори дека бугарските ставови се одамна јасни и дека нема можност за нови преговори.

– Бугарија мора будно да следи и да реагира на континуираното лобирање од страна на Македонија во европските институции – рече Радев.

Шефот на бугарската дипломатија, пак, истакна дека во разговор со австриската министерка за Европа добил потврда дека „нема да има никакво отстапување од претходно договореното“, но оваа негова изјава е во спротивност со искажаниот став на австриската министерка за надворешни работи, Мајнл-Рајсингер, која, при посетата на Скопје, порача дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за европската интеграција на Македонија.

Во услови кога, во бугарското Собрание, едногласно беше изгласана резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, со што источниот сосед го потврдува националното единство во однос на земјава, како и по зголемените бугарски барања и условувања, претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, побара јасна гаранција од Бугарија дека нема да поставува нови барања во иднина, што е јасен став и на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Бугарија треба да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа. Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот итн., нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да го има. Толку. Нека кажат „не“, ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не грижете се, нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика – порача Филипче.

Експертската јавност не ја исклучува можноста оваа позиција да прерасне во поширок политички консензус. Сè повеќе се зборува за можноста да се обединат македонските политички субјекти околу заеднички став во однос на европската агенда и бугарските условувања.

Иако целосно стои зад документот што го подготви, известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, минатата недела за 24 јуни го одложи гласањето во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за усвојување на предлог-извештајот за земјава, поради критиките и притисоците од бугарските европратеници. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ