Една изборна единица пак ќе се сопне на консензус?

1505

Промената на изборниот модел со која би се вовела една изборна единица, а што сега се заговара, може да се блокира поради немање консензус меѓу сите партии. Откако премиерот Христијан Мицкоски ја најави подготвеноста да се намали бројот на сегашните шест изборни единици и по што дел од партиите поднесоа предлози на ваквите закони до Парламентот, сега се појавуваат и противења. Зијадин Села, лидерот на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, дел од коалицијата „Европски фронт“, денеска се изјасни против изборниот систем со една изборна единица за парламентарните избори и смета дека таквиот систем би бил штетен за Албанците.

– Тие не се дел од населението во источниот дел од земјата и процесот не може да се контролира – изјави Села пред Собранието.

Нивниот предлог е да се оди со осум изборни единици, при што Села кажа дека се согласува дека треба да бидат отворени листите, бидејќи така граѓаните би можеле сами да ги избираат пратениците, а не лидерите на партиите.

Претходно, и опозициската партија ДУИ излезе со став со кој го условува прифаќањето на една изборна единица со прифаќањето на воведувањето изборен праг за избор на пратеници.

– Предлагаме модел со една изборна единица со отворени листи, со воведување изборен праг од 3 отсто од регистрираните избирачи или алтернативно – праг од 5 проценти од гласачите што учествувале на изборите – изјави неодамна партискиот портпарол, Арбр Адеми.

Ова се различни позиции од оние кои досега ги поддржаа дел од партиите, а кои се залагаат за една изборна единица, без изборен праг. Таков предлог во своите верзии на законите, кои ги доставиле до Собранието, навеле ЛДП и Демократскиот сојуз.

– Една изборна единица ќе значи демонтажа на „еднопартискиот систем“ и вклучување повеќе партии во одлучувањето. Зад секој пратеник ќе стојат ист број гласови. Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел – изјави деновиве Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.

Денеска и Билал Касами, лидер на партијата Беса, која е дел од владиното мнозинство, изјави дека допрва ќе анализираат дали е добро воведувањето една изборна единица.

– Една изборна единица е комплексно прашање, ќе изградиме став и ќе дадеме образложение – изјави тој вчера.

Сето ова, практично, води кон прашањето дали ќе биде можно да се постигне меѓупартиски консензус за промена на Изборниот законик. Досега, пред секои избори, партиите се договараа околу промените во изборното законодавство и бидејќи се изгласуваа измените со согласност од сите партии. На некои избори, поради противењето на некои партии, не беше можно да се изгласаат промените во македонскиот Парламент. Така, на пример, пред три години, помалите партии во Собранието поднесоа предлог за воведување една изборна единица, без изборен цензус, но на тоа и тогаш се спротивставија Алијанса предводена од Зијадин Села и ДУИ. Партијата на Села и тогаш побара воведување осум изборни единици со отворени листи.

Владината портпаролка, Марија Митева, по најавата за промена од страна на премиерот Мицкоски, неодамна рече дека ќе се носи Изборниот законик со консензус.

– Морам да потенцирам дека станува збор за Изборен законик. Ние, како Влада, немаме интенција да носиме работи што се еднострани. Секогаш тој се носи со консензус и со дијалог. Да, ќе ги разгледаме сите барања што беа поднесени и ќе бараме решение – изјави Митева.

И Јанаки Витановски, поранешен член на Државната изборна комисија, изјави за ВЕЧЕР дека промените во изборното законодавство секогаш се носеле со согласност од сите партии.

– Изборниот законик досега се носел со консензус. Не е добро за демократските процеси тој да се носи без консензус. Тоа е мое мислење – ни рече тој.  (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ