Дефинирањето на условите за учеството на независните кандидати за градоначалници и за советници на локалните избори ќе добие предимство во однос на менувањето на изборниот модел за парламентарните избори. Односно, прво ќе се прават обиди да се постигне меѓупартиски консензус околу тоа колку потписи ќе бидат потребни за да се пријават независните листи на граѓаните. Дури потоа ќе се разгледува промената на изборниот модел со воведување на само една изборна единица, а за што веќе се залагаат повеќе партии откако премиерот Христијан Мицкоски најави таква можност. Ваквите најави доаѓаат од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ по сè побројните барања за промените во Изборниот модел.
Проблемот со кандидирањето на независните кандидати за градоначалници и советници настана откако Уставниот суд неодамна укина две одредби од Изборниот законик. Односно, од законската легислатива ги отстрани условите според кои тие кандидати требаше да собираат потписи од еден процент од вкупно запишаните гласачи во одредена општина. Судиите оцениле дека тоа се недемократски услови и попречување на граѓанските права. Истовремено, судиите го повикаа македонското Собрание што побрзо да ја пополни оваа правна празнина со нови законски членови. Во спротивен случај, како што објаснуваа од Судот, ќе се дојде во ситуација секој индивидуален граѓанин да може да поднесе кандидатура за градоначалник или за советник во некоја општина.
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент, за ВЕЧЕР денеска изјави дека приоритет сега ќе им биде регулирањето на учеството на независните пратеници.
– Тој проблем и прашањето ќе добие приоритет во овој период. Условите за учеството на независните кандидати треба да се регулираат ако не се сака да се дојде во ситуација секој еден граѓанин да може да се кандидира. Односно, со останатите партии треба да постигнеме договор околу основниот услов врзан за собирањето на потписите. Времето до распишувањето на изборите е веќе многу кусо. Од таа причина, одредбите во Изборниот законик коишто се однесуваат за локалните избори ќе добијат приоритет во однос на барањата за промена на Изборниот модел. До парламентарните избори сепак има многу повеќе време отколку до локалните избори – ни рече координаторот Никола Мицевски.
Тој објаснува дека проблематичниот процент од 1 отсто, кој беше укинат од страна на уставните судии, во Изборниот законик бил вграден врз основа на сугестиите и забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а кои се однесувале на кандидирањето на независните кандидати за градоначалници и советници.
Претставници на седум граѓански организации неодамна излегоа со предлозите со кои се бара главниот услов за нивно кандидирање на локалните избори да биде „најмногу до 50 собрани потписи од граѓаните“. Освен да се собираат само 50 потписи на граѓаните за кандидатура, овие организации бараат да се дозволи и собирање на потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји. Се бара и да се зголеми периодот на собирањето на потписите на 30 дена, да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на гласачкото ливче, да се обезбеди еднаквост во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати, да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирање на изборната кампања…
– Ние стоиме зад барањето за 50-ина потписи, кое го следи европски демократски тренд. Повторното ставање проценти за собирање потписи од вкупниот број за запишани избирачи во многу мал број на помали општини ќе донесе слобода во кандидирањето. Во оние општини каде има повеќе население, пак, ќе го отежне населението – изјави Борјан Јовановски, од организацијата „Зелен хуман град“ на новинарското прашање „како ќе реагираат ако партиите наместо досегашните 1 отсто предвидат процент од 0,5 проценти на потписите од вкупно запишаните избирачи“.
Од најголемата опозициска партија вчера ни изјавија дека тие ќе почекаат за да видат што сè ќе биде предложено.
– Пред да се изјасниме околу условите за независните кандидати и за предлогот за промена на изборниот модел со Една изборна единица, сакаме да видиме што сè ќе биде предложено. Сето тоа треба да се изгласа со консензус. Тоа што независните кандидати бараат условот да им биде до 50 собрани потписи, тоа е нивно право. Секој си бара како што си мисли. Но, ние сме подготвени да разговараме околу сè – ни рече Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ. (Б.Ѓ.)