Една и пол година по убиството на малата Данка од Бор уште нема конечно обвинение, ниту, пак, е пронајдено нејзиното тело

160

Една и пол година по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ од Бор, сè уште нема конечно обвинение за двајцата мажи кои исто толку време се во притвор и се осомничени дека ја убиле. Исто така, не е пронајдено телото на девојчето.

Случајот со малата Данка, која го вознемири целиот Балкан, почна на крајот на март минатата година, кога таа исчезна буквално пред очите на нејзината мајка од семејниот имот во Бањско Поле. Набрзо беше започната обемна потрага, а потоа беше објавена информација дека двајца мажи вработени во „Водовод“Бор ја удриле со службено возило, а потоа се ослободиле од нејзиното тело.

До денес, пишува „Блиц“, против нив двапати беше поднесено обвинение, но и двата пати беше вратено за да се измени. Во вториот случај, Апелациониот суд во Ниш наложи што треба да заврши Обвинителството, односно што да биде исправно во обвинението за да биде конечно потврдено. Последното во таа серија е исполнето уште на 16 јуни, кога е извршена реконструкција на настанот. За прифаќање и за подигнување на обвинението пет месеци по реконструкцијата се чекаат уште наод и мислење од вештакот.

Одредени медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавија дека реконструкцијата при која практично бил „пресликан“ 26 март 2024 година во Бањско Поле, траела осум часа и дека била „најсложената и најобемната во историјата на српското судство“.

По вештачењата, вештаците ќе дадат свое мислење и свои наоди за тоа дали реконструкцијата што се случи во јуни оваа година влијае на истрагата што е спроведена досега. Потоа, Обвинителството ќе одлучи за понатамошно преземање доказни дејства и донесување мериторна одлука на Јавното обвинителство. Се очекува, по донесувањето на одлуката, Обвинителството повторно да го подигне обвинението бидејќи мајката на девојчето претходно била сослушана, што исто така го наложил Апелациониот суд во Ниш изјави по реконструкцијата извор на „Блиц“.

Српските медиуми, исто така, тогаш објавија дека мајката на Данка, Ивана Илиќ, речиси три и пол часа одговарала на околу 50 прашања што ѝ ги поставувале обвинителот и адвокатите на осомничените за убиството. Притоа таа останала на претходните искази дадени во истрагата.

Овој пат, Вишиот суд во Зајечар, кој беше вклучен во постапката на почетокот,  нема да одлучува за собраните докази за Обвинителството, туку Вишиот суд во Неготин бидејќи предметот на Данка Илиќ е префрлен кај нив. Ова следуваше откако Апелациониот суд укажа дека е потребно да се испита обвинението во изменет судски состав.

ИЗДВОЕНИ