Една година од денот кога срушената натстрешница на Железничката станица во Нови Сад зеде 16 животи и од корен го смени животот во Србија

36

Реки луѓе од сите делови на Србија од утринава изутрина се слеваат кон Нови Сад, каде што за утре е најавен комеморативен собир по повод годишнината од трагедијата што се случи во тој град. Утре, на 1 ноември, навршува една година од денот кога паднаа тони бетон од натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад врз луѓето што седеа на клупите и го чекаа возот. Цела година протестите низ Србија не престануваат, факултетите се блокирани, а барањето да се казнат виновниците за несреќата е дополнето со уште едно: предвремени парламентарни избори

 

 

Реки луѓе од сите делови на Србија од утринава се слеваат кон Нови Сад, каде што за утре е најавен комеморативен собир по повод годишнината од трагедијата што се случи во тој град. Утре, на 1 ноември, се навршува една година од денот кога паднаа тони бетон од натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад врз луѓето што седеа на клупите и го чекаа возот. Срушената натстрешница во дел од секунда зеде 16 животи, но и од корен го смени животот во Србија. Студентите што го организираат собирот во Нови Сад решително порачуваат: „Бараме избори, бараме правда и не отстапуваме од тоа“.

Кога падна натстрешницата, Железничката станица беше во реконструкција, а, сепак, работеше – луѓе пристигнуваа и си заминуваа од градот, роднини и пријатели ги пречекуваа или ги испраќаа блиските. Власта на почетокот не призна дека се работело таму, зашто реконструкцијата наводно завршила пред четири месеци, кога свечено била отворена станицата. Револтираните граѓани уште истиот ден спонтано се собраа во Нови Сад, блокираа раскрсница, палеа свеќи, оставаа цвеќиња, но и побараа одговорност од власта за огромната трагедија. Во следните денови, на протест излегоа и белграѓани, а на некои дланките им беа обоени во црвено, со што ѝ пренесоа симболична порака на власта: „Рацете ви се крвави“.

Колку што ги игнорираше власта нивните барања да се објави планот за реконструкција на станицата и да се казнат виновниците толку протестите стануваа почести, помасовни и се ширеа низ српските градови и населени места. Тензијата не се смири со оставката на министерот за градежништво, Горан Весиќ, а подоцна и на неколкумина владини претставници задолжени за железничкиот транспорт. Дури три недели по трагедијата, на 21 ноември, беа уапсени 12 луѓе, меѓу кои и министерот Весиќ. Речиси една година подоцна, поднесени се обвиненија против 13-мина одговорни за несреќата, но ниту еден од нив не е изведен пред суд, а уште помалку казнет.

Пресвртен момент во Србија беше собирот пред Факултетот за драмски уметности во Белград, под мотото „Застани, Србијо!“, кога дојде до физичка пресметка. Возачи што поминуваа оттаму застанаа и почнаа да се тепаат со собраните граѓани, студентите и со професорите, а медиумите подоцна открија дека меѓу возачите имало и функционери на владејачката партија СНС. Студентите и професорите тогаш го блокираа Факултетот, по што следуваше лавина од блокади на факултетите, но и на десетици средни училишта во 20 града во Србија. Државата се соочи со најголемите протести во последните 25 години, кои власта ги нарече „обоена револуција“. Се протестираше и на Нова година. Голем број граѓани им се придружија на студентите на митингот под мотото „Нема Нова, должни сте ни и за старата“ и во тишина на белградските улици ја дочекаа Новата година.

Во меѓувреме, имаше тензии и во српското Собрание, меѓу пратениците од власта и од опозицијата. Протестите стана секојдневни. Се одржуваа пред судовите, пред Собранието, пред националната телевизија… Се случуваа и инциденти. Возачи влетуваа меѓу насобраните луѓе и никој не одговараше за тоа. Почнаа и контрапротести. Студенти што сакаат да учат поставија камп во Пионерскиот парк и бараа да прекине блокадата на факултетите, давајќи им поддршка на власта и на претседателот Александар Вучиќ. Но, во студентскиот камп, камерите на опозициските телевизии забележаа повозрасни луѓе, како и претставници на власта. Студентите во блокада им дадоа прекар „ќаци“ на своите колеги што сакаат да учат, а паркот во кој беа собрани го нарекоа Ќациленд.

На еден од најголемите протести на студентите во блокада, кога се собраа во Белград, според некои процени, над 300.000 луѓе, молкот за 16-темина загинати во Нови Сад го прекина чуден звук, кој ги растера насобраните. Потоа излегоа информации дека е употребен звучен топ, кои Владата до ден-денес ги негира. Потоа, неколкумина активисти и студенти во блокада со велосипеди тргнаа за Стразбур за да им ја пренесат ситуацијата во Србија на претставниците на Европската Унија.

Во април, со тридневниот собир под мотото „Не ја даваме Србија“, почнаа провладините митинзи во организација на претседателот Вучиќ, а на 16 април беше избрана нова Влада, на чело со ендокринологот Ѓуро Мацут. Неколку недели подоцна, студентите во блокада додадоа ново барање: да се распишат вонредни парламентарни избори. Протестите на незадоволните од режимот продолжија, но почна и апсење на учесници и активисти. Во наредните месеци, се случија и судири меѓу народот, а интервенциите на полицијата, бруталноста и апсењата станаа редовни. На блокираните факултети почнаа да упаѓаат маскирани мажи, кои ги исфрлаа студентите што протестираат, но факултетите не почнаа настава. Студентите изготвија своја листа со кандидати за пратеници, иако власта не попушта и не распишува избори.

Десетина дена пред годишнината од новосадската трагедија, се огласи Европската Унија. На 22 ноември, Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за „поларизација и зголемена репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад“. Во резолуцијата се наведува дека „српското раководство е политички одговорно за ескалацијата на репресијата, нормализирањето на насилството и за слабеењето на демократските институции“. Европскиот парламент го поддржа правото на студентите и на граѓаните на мирни протести и го осуди бранот насилство поттикнат од државата.

 

ИЗДВОЕНИ