„Една битка по друга“ (One Battle After Another) на Пол Томас Андерсон освои девет номинации за наградите „Златен глобус“, чие 83. доделување ќе се одржи на 11 јануари 2026 година, во Лос Анџелес. Филмот, во кој група поранешни револуционери се обединуваат за да ја спасат ќерката на еден од нивните, по 16 години кога ќе се појави нивниот непријател, меѓу другите, ги доби и номинациите за сценарио и режија (Андерсон), за актери – Леонардо ди Каприо, Тејана Тејлор, Шон Пен, Бенисио дел Торо, како и за најдобар филм во категоријата комедија/мјузикл.

„Сентиментална вредност“

Веднаш по него е „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value) на Јоаким Трир, норвешка семејна драма за семејство што создава филмови, со осум номинации. Од нив, пет се за актерите Стелан Скарсгард, Рената Рејнсве, Ел Фенинг и Инга Ибсдотер Лилас и за најдобар филм во категоријата драма.

Со седум номинации е, пак, „Грешници“ (Sinners), познатиот вампирски хит на Рајан Куглер. Филмот, меѓу другото, е номиниран за најдобар филм во категоријата драма, за достигнување во бокс-офисот, Куглер за најдобар режисер, а Мајкл Б. Џордан за најдобар глумец.

Во категоријата за најдобар филм – драма, покрај „Сентиментална вредност“ и „Грешници“, се номинирани и остварувањата „Франкенштајн“ на Гилермо дел Торо, „Хамнет“ на Клое Жао, „Тоа беше само несреќа“ на Џафар Панахи и „Тајниот агент“ на Клебер Мендонса Фиљо.

Во категоријата за најдобар филм – комедија/мјузикл, пак, освен „Една битка по друга“, се и „Сина месечина“ и „Nouvelle Vague“, двата во режија на Ричард Линклејтер, „Бугонија“ на Јоргос Лантимос, „Марти Суприм“ (Marty Supreme) на Џош Сафди и „Нема друг избор“ на Парк Чан Ву.

„Грешници“

Што се однесува до актерите, во категоријата најдобра женска улога во драма се номинирани Ева Виктор („Извини, бејби“), Џенифер Лоренс („Умри, љубов моја“), Џеси Бакли („Хамнет“), Џулија Робертс („По ловот“), Ренате Рејнсве („Сентиментална вредност“) и Теса Томпсон („Хеда“), додека за најдобра машка улога, исто така, во драма се Двејн Џонсон („Машината за кршење“), Џереми Ален Вајт („Спрингстин: Избави ме од никаде“), Џоел Еџертон („Соништа за возови“), Мајкл Б. Џордан („Грешници“), Оскар Исак („Франкенштајн“) и Вагнер Моура („Тајниот агент“).

„Една битка по друга“

Во категоријата најдобра женска улога во комедија/мјузикл, номинирани се Аманда Сејфрид („Тестаментот на Ен Ли“), Чејс Инфинити („Една битка по друга“), Синтија Ериво („Злобница: За добро“), Ема Стоун („Бугонија“), Кејт Хадсон („Сонг Сунг Блу“) и Роуз Бирн („Да имав нозе, ќе те шутнев“), додека за најдобра машка улога, исто така, во комедија/мјузикл се Итан Хоук („Сина месечина“), Џорџ Клуни („Џеј Кели“), Џеси Племонс („Бугонија“), Ли Бјунг-Хан („Нема друг избор“), Леонардо ди Каприо („Една битка по друга“) и Тимоти Шаламе („Марти Суприм“).

По низата контроверзии за Холивудската асоцијација на странски новинари (Hollywood Foreign Press Association), која претходно ја организираше церемонијата, „Златните глобуси“ беа продадени во 2023 година на „Eldridge Industries“ на Тод Боели и „Dick Clark Productions“, дел од „Penske Media“. Сега, ново поголемо тело од повеќе од 300 луѓе гласа за наградите, а емитувањето на доделувањето се префрли од Ен-би-си (NBC) на Си-би-ес (CBS).

Ники Глејзер се враќа како водителка на 83. доделување на „Златните глобуси“, кои ја слават извонредноста во меѓународниот филм и телевизија, која првпат минатиот јануари, кога ја водеше церемонијата, доби добри критики.

Хелен Мирен ќе ја добие наградата „Сесил Б. де Мил“, која ќе ѝ се врачи на посебен специјален настан на 8 јануари. Сара Џесика Паркер, пак, ќе биде наградена со наградата „Керол Барнет“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ