„Една битка по друга“ (One Battle after Another) е прогласен за најдобар филм на доделувањето на наградите „Избор на критичари“ (Critics Choice) кои беа објавени деновиве, а претставуваат едни од предвесниците на годинашните Оскари, што ќе се одржат на 16 март. Награда доби и режисерот на овој филм, Пол Томас Андерсон. Филмот „Грешници“ (The Sinners), пак, освои четири награди, вклучувајќи ја и наградата за најдобар кастинг и ансамбл, нова категорија воведена оваа година, која отиде кај Франсин Мејзел.

Мајлс Катон од „Грешници“ ја освои наградата за најдобар млад актер, Рајан Куглер ја освои наградата за најдобро оригинално сценарио, а Лудвиг Герансон – наградата за најдобра музика.

Во категориите за глума, Тимоти Шаламе ја доби наградата за најдобар актер за филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme), додека Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината улога во „Хамнет“. Наградата за најдобар спореден актер отиде во рацете на Џејкоб Елорди за „Франкенштајн“, филм кој исто како и „Грешници“ имаше четири награди, меѓу кои и за најдобар продукциски дизајн, најдобар костим и најдобра фризура и шминка. Ејми Мадиган ја освои наградата за најдобра споредна актерка за филмот „Оружја“ (Weapons).

Во телевизиските категории доминираше серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која е наградена за најдобра мини серија со три награди за глума, потоа ТВ-серијата „Интензивна нега: Питсбург“ (The Pitt) за најдобра драмска серија и „Студио“ (The Studio) за најдобра комедија. Наградата за најдобро ток-шоу ѝ припадна на „Емисијата на Џими Кимел“.

Песната „Golden“ од филмот „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters) беше прогласена за најдобра, додека самиот филм беше награден за најдобар анимиран филм.

Доделувањето се одржа во салата „Баркер“ во Санта Моника, Калифорнија, САД, а го водеше, четврта година по ред, Челси Хендлер. (Д. Т.)

Наградените:

Најдобар филм: „Една битка по друга“

Најдобар актер: Тимоти Шаламе (Марти Суприм)

Најдобра актерка: Џеси Бакли (Хамнет)

Најдобар режисер: Пол Томас Андерсон (Една битка по друга)

Најдобро сценарио: Рајан Куглер (Грешници)

Најдобар анимиран филм: „Кеј-поп ловци на демони“

Најдобра комедија: „Голиот пиштол“

Најдобар странски филм: „Тајниот агент“

Најдобра мини серија: „Адолесценција“

Најдобра анимирана серија: „Саут парк“

ИЗДВОЕНИ