Филмот, во кој група поранешни револуционери се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од нивните, кога по 16 години се појавува заедничкиот непријател, од Британската академија за филм и телевизија, покрај за најдобар филм, беше награден и за најдобра режија (Пол Томас Андерсон), споредна машка улога (Шон Пен), како и за адаптирано сценарио, кинематографија и монтажа. Филмот имаше 14 БАФТА номинации. Иако доби 13 номинации, вампирскиот хорор „Грешници“ (Sinners) на Рајан Куглер од Лондон си замина со три БАФТА златни маски
Политичкиот трилер/акција „Една битка по друга“ (One Battle After Another) на Пол Томас Андерсон доби најмногу, 6 златни маски на британските филмски награди познати како БАФТА, чие 79. свечено доделување се одржа вчеравечер во Кралската фестивалска сала во рамките на Саутбенк центарот во Лондон.
Филмот, во кој група поранешни револуционери се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од нивните, кога по 16 години се појавува заедничкиот непријател, од Британската академија за филм и телевизија, покрај за најдобар филм, беше награден и за најдобра режија (Андерсон), споредна машка улога (Шон Пен), како и за адаптирано сценарио, кинематографија и монтажа.

Филмот имаше 14 БАФТА номинации. Со ова најпрестижно британско филмско признание, „Една битка по друга“ полека и сигурно си го трасира патот за најпрестижната меѓународна награда „Оскар“, откако победи и на „Златните глобуси“.
Иако со 13 номинации, вампирскиот хорор „Грешници“ (Sinners) на Рајан Куглер од Лондон си замина со три БАФТА златни маски, и тоа за најдобро оригинално сценарио (наградата ја доби режисерот Куглер), за најдобра споредна женска улога (на Вунми Мосаку) и за музика.
Три БАФТА награди доби и филмот „Франкенштајн“ (Frankenstein) на Гилермо дел Торо, и тоа за костими, шминка и за сценографија.

Очекувано, наградата за Извонреден британски филм отиде кај „Хамнет“ (Hamnet) во режија на Клое Жао. Остварувањето на Жао, засновано на истоимениот роман на Меги О’Фарел, што е замислен приказ за животот на Вилијам Шекспир и Агнес, кои заради чума го губат 11-годишниот син Хамнет, се закити и со наградата за најдобра актерка за улогата на Агнес Шекспир, која ја толкува ирската актерка Џеси Бакли. Таа и „Хамнет“ го освоија и „Златниот глобус“.

Англискиот актер Роберт Арамајо, за биографскиот филм „Се колнам“ (I Swear) на Кирк Џонс, пак, ја доби наградата за најдобар актер, но и признанието на БАФТА „Ѕвезда во подем“. Филмот е базиран на вистинската животна приказна на Џон Дејвидсон, Шкотланѓанец со тежок Туретов синдром, а Арамајо, толкувајќи го неговиот живот, ја победи силната конкуренција на номинирани во категоријата најдобар актер во главна улога каде беа и Леонардо ди Каприо (за „Една битка по друга“), Мајкл Б. Џордан (за „Грешници“), Тимоти Шаламе (за „Марти Суприм“), Итан Хок (за „Сина месечина“) и Џеси Племонс (за „Бугонија“). Заедно со наградата за кастинг, филмот „Се колнам“ се изедначи во добиените три златни маски со остварувањата „Грешници“ и „Франкенштајн“.
Норвешкото остварување „Сентиментална вредност“ победи во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, „Господин Никој против Путин“ – во категоријата најдобар документарец, а „Зоотопија 2“ беше прогласен за најдобар анимиран филм.
Иако имаше 11 номинации, американската спортска драма „Марти Суприм“ на Џош Сафди, во кој Тимоти Шаламе го глуми пинг-понг играчот Марти Маузер (базиран на Марти Рајсман) и неговата амбиција да стане светски шампион, си замина дома без ниедна награда.
Свеченото доделување на наградите БАФТА го водеше шкотскиот актер, режисер, продуцент, писател и водител, Алан Каминг. (Н. И. Т.)
Елеганција и гламур на црвениот тепих во Лондон
Голем број американски и британски филмски ѕвезди прошетаа на црвениот тепих пред свеченото доделување на 79. БАФТА награди на Британската академија за филм и телевизија што се одржаа во Кралската фестивалска сала во Лондон.

Една од највпечатливите појави на црвениот тепих беше актерката Тејана Тејлор, која носеше темноцрвен фустан од „Барбери“, елегантен, целосно затворен, кој преминуваше во висока и широка јака околу нејзините тил и уши.

Прекрасна беше и Кејт Хадсон со својата црвена долга и елегантна тоалета од „Прада“, со гол грб.

Со својата појава се истакна и актерката Ема Стоун, која носеше црн фустан од „Луј Витон“.

Маура Хигинс привлече внимание во црвениот сатенски фустан, со структурирани детали преку градите и со драматичен шлеп што ја следеше по тепихот.

Интересна беше и Ерин Доерти со своето темносино брановидно здолниште од „Луј Витон“.
На доделувањето се појавија и Вилијам и Кетрин, принцот и принцезата од Велс.
Фото: EPA/EFE












