Темната комедија на Пол Томас Андерсон освои најмногу, четири „Златни глобуси“, со што доминираше на 83. доделување на престижните филмски награди. Филмот во кој група поранешни револуционери се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од своите, кога, по 16 години, се појавува заедничкиот непријател, ја доби наградата за најдобар филм во категоријата комедија/мјузикл. „Златните глобуси“ се клучна станица на патот кон „Оскарите“… 

Темната комедија „Една битка по друга“ (One Battle After Another) на Пол Томас Андерсон освои најмногу, четири „златни глобуси“, на 83. доделување што се одржа вчеравечер во Лос Анџелес. Филмот во кој група поранешни револуционери се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од своите, кога, по 16 години, се појавува заедничкиот непријател, ја доби наградата за најдобар филм во категоријата комедија/мјузикл.

Продуцентката Сара Марфи, пејачката и актерка Теана Тејлор, режисерот Пол Томас Андерсон и актерката Чејс Инфинити,  фото: ЕПА/ЕФЕ

На пејачката и актерка Теана Тејлор, која во филмот глуми револуционерка и мајка, ѝ припадна наградата за најдобра споредна женска улога. Таа ја искористи можноста да испрати порака до „своите кафеави сестри и кафеави девојчиња што гледаат“.

– Нашата светлина не бара дозвола да свети. Ние припаѓаме во секоја соба во која влегуваме. Нашите гласови се важни, а нашите соништа заслужуваат простор – им рече таа.

Теана Тејлор во „Една битка по друга“

Остварувањето „Една битка по друга“ се закити и со признанијата за најдобри сценарио и режија (Андерсон). Филмот имаше дури девет номинации, меѓу кои на актерите Леонардо ди Каприо, Шон Пен и на Бенисио дел Торо.

Џеси Бакли во „Хамнет“

Филмот „Хамнет“ (Hamnet) во режија на Клое Жао, пак, го освои „Златниот глобус“ за најдобар филм во категоријата драма, што беше изненадување, како и победата на Џеси Бакли, која беше прогласена за најдобра актерка во драма каде што ја толкува улогата на Агнес Шекспир. Остварувањето на Жао, засновано на истоимениот роман на Меги О’Фарел, е замислен приказ за животот на Вилијам Шекспир и Агнес, кои поради чума го губат 11-годишниот син Хамнет.

Иако вампирскиот трилер „Грешници“ (Sinners) се сметаше за фаворит, ги освои наградите за најдобра музика и за филмско и бокс-офис достигнување.

Тимоти Шаламе на Златните глобуси, фото: Скриншот од Јутјуб

Кај актерските признанија, можеби највпечатлива беше наградата на 30-годишниот Тимоти Шаламе, кој го освои „Златниот глобус“ за најдобар глумец во мјузикл/комедија за својата улога како професионален играч на пинг-понг во „Марти Величествениот“ (Marty Supreme). Со ова, младиот Шаламе го продолжува својот пат кон „Оскарот“, победувајќи ги во својата категорија ѕвездите како Леонардо ди Каприо и Џорџ Клуни.

– Сега сум со многу великани – рече Шаламе при примањето на наградата.

Бразилскиот актер Вагнер Моура беше прогласен за најдобар актер во драма за својата главна улога во „Таен агент“ (The Secret Agent), филм што победи во категоријата од неанглиско говорно подрачје. Роуз Бирн е најдобра актерка во комедија/мјузикл за улогата во „Ако имав нозе, ќе те шутирав“ (If I Had Legs I’d Kick You), додека, пак, Стелан Скарсгард, ѕвездата на норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value), ја освои наградата за најдобар спореден глумец. Тој упати апел да се гледаат филмови на големото платно.

Стелан Скарсгард во „Сентиментална вредност“

– Филмот треба да се гледа во кино – рече 74-годишниот Скарсгард, а публиката го поздрави со овации.

Со наградата за најдобар анимиран филм се закити „K-pop Demon Hunters“, објавен на платформата „Нетфликс“.

„Златните глобуси“ се клучна станица на патот кон „Оскарите“, чии номинации ќе бидат објавени на 22 јануари, а свеченото доделување ќе биде на 15 март. (Н.И.Т.)

Главна фотографија: Скриншот од Јутјуб

ИЗДВОЕНИ