Од сите краишта на светот – во срцето на Централна Азија. Астана, главниот град на Казахстан, беше домаќин на осмиот Конгрес на светските и традиционалните религии, каде верски лидери, политичари и интелектуалци упатија силна порака за мир, почит и заедничка иднина во време на глобални кризи. Тие испратија заедничка порака дека без дијалог нема иднина, и без вера нема мир. Духовните авторитети повикаа на отпор кон екстремизмот и обнова на човечките вредности. Во време кога светот тоне во недоверба, војни и духовна празнина, Астана испрати глас што повикува на соработка наместо судир, надеж наместо омраза. Конгресот не беше само симболична средба – туку повик за акција, со јасна порака дека религиите, и покрај разликите, можат и мораат да бидат двигатели на мирот. Од говорницата во Астана, одекнаа зборови што надминуваат граници, верувања и идеологии – зборови што повикуваат на обединување на човештвото во заедничка борба за достоинство, толеранција и надеж, но беа испратени и политички пораки.

Растечко влијание на екстремизмот

Конгресот го отвори претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, кој ја нагласи важноста на меѓурелигискиот дијалог и соработката за справување со глобалните предизвици. Во својот говор, Токаев ја истакна важноста на религијата како промотор на мир и меѓусебна почит и ја потенцираше улогата на Казахстан како земја со долгогодишна традиција на етничка и религиска толеранција. Претседателот ја подвлече потребата од заштита на свети места и културно наследство како симболи на мир и единство. Исто така, тој предупреди за растечкото влијание на екстремизмот и лажниот патриотизам кои ги збунуваат младите и ја загрозуваат стабилноста. Претседателот ја подвлече потребата од заштита на свети места и културно наследство како симболи на мир и единство.

-Денеска, повеќе од било кога, ни е потребен конструктивен дијалог и постигнување договори, бидејќи нема алтернатива за мирно решавање на конфликтите. Нашето единство е во различноста, и таа толеранција е основа на стабилноста и мирот во Казахстан, рече претседателот на Казахстан.

Тој потенцираше дека од последниот Конгрес светот е сведок на многу негативни тенденции, а некои политичари и експерти ова го нарекуваат „криза на цивилизациите“.

–Не смееме да ја заборавиме политичката димензија. Погледнете ја политиката што ја водат властите, таа не секогаш е поддршка за мирен дијалог, културна и религиска хармонија. Нè загрижува растечкото ултранационалистичко и лажно патриотско расположение. Промената на општествените сфаќања го збунува младото поколение. Од една страна сме сведоци на судирот меѓу конзервативната и либералната идеологија. Ова води кон политичка нестабилност во некои земји. Во Казахстан обрнуваме големо внимание на овие глобални проблеми. Ова е основата на нашата внатрешна политика. Сметам дека е важно да се води политика на толеранција и меѓусебна почит меѓу различни етникуми, религии и нации. Ќе биде ставен цврст отпор на секоја акција која ќе ја наруши идејата „Нашето единство е во различноста“, изјави Касим-Жомарт Токаев.

Големи империи „паднале“ поради криза во верата

До учесниците на конгресот се обрати и рускиот Патријарх Кирил, кој и во 2012 година учествувал на 4-от Конгрес во Казахстан. Патријархот Кирил истакна дека свет без Бог нема иднина. Тој предупреди дека отфрлањето на религијата доведува до конфликти, тероризам и кршење на човековите права. Патријархот ја нагласи важноста на меѓурелигискиот дијалог и соработка, особено меѓу младите, за да се спречи радикализмот и да се изгради траен мир. Тој исто така ја поддржа идејата за поголемо учество на религиите во меѓународните организации, како што е ООН. Говорот заврши со повик за единство, вера и дела кои носат мир.

-Денешната меѓународна ситуација уште еднаш докажува дека свет кој го одрекува Бога — е свет без иднина. Крвави конфликти, сериозни економски и еколошки проблеми, тероризам, нарушување на основните човекови права — сето тоа се директни последици од обидите да се исфрли религијата од општествениот живот и да ѝ се остави место само во тесен личен простор. Ние добро знаеме дека, и покрај постоечките разлики меѓу традиционалните религии, тие се обединети со заедничка цел — верата во Бога и моралното усогласување со таа вера. Општеството на вистински верници е способно да постои и да се развива во мир и благосостојба. За тоа сведочи и светската историја: колку пати Господ својот избран народ го казнувал за неверство и морално распаѓање! Познато е дека и големите империи престанале да постојат поради криза во верата и морална распуштеност, поради атеизам и отсуство на обединувачка духовна идеја, рече рускиот патријарх.

Тој посочи дека се забележува раст на религиозноста кај младата генерација, но предупреди дека младите треба да се заштитат од радикализам и да се насочат на креативен пат на дијалог и почитување.

-Идејата за создавање советодавен совет за религиите при ООН, која ја промовиравме заедно со некои почитувани религиски лидери (некои од нив се тука и денес), пред скоро 20 години не ја изгуби својата актуелност. Тогаш, за жал, застапниците на радикалниот секуларизам не ни дозволија да ја оствариме оваа идеја. Учеството на раководството на традиционалните заедници би ја засилило мировната потенцијална моќ на ООН. Нашиот заеднички глас, што го почитува различното верско и национално потекло, би можел да биде глас на совеста и помирувањето. Денес тука ги поздравуваме и претставниците на Обединетите нации и се надевам дека тоа ќе биде од помош за унапредување на нашите идеи на платформите на ООН, истакна тој.

Преку видео линк, од Ватикан, на учесниците на 8. Конгрес на лидерите на светските и традиционални религии им се обрати и Папата Лав 14. Во својот поздравен говор на Конгресот во Астана, Папата испрати силна порака за мир, солидарност и меѓурелигиски дијалог. Тој ја нагласи потребата верските заедници да соработуваат – не само едни со други, туку и со Божјата волја – за изградба на праведен и хармоничен свет. Папата повика на „синергија за иднината“, не како празен слоган, туку како конкретно дејство за мир, соработка и грижа за најранливите. Потсети на историски иницијативи за верска соработка и истакна дека верата треба да обединува, а не да разделува.

Тој ја афирмираше вредноста на различноста, повикувајќи на заемно почитување и споделување на духовните дарови на секоја традиција, во служба на општото добро. На крајот, Папата ги повика сите верски лидери да бидат глас на надеж, правда и човечко достоинство.

-Се собравте од сите краишта на светот за да ги обновите пријателствата и да создадете нови, обединети во заедничката желба да му донесеме исцеление на нашиот разединет и повреден свет. Оваа тема е особено навремена, бидејќи ја истакнува клучната улога на меѓурелигискиот дијалог во ера обележана со насилни конфликти. Таквата соработка не претставува повик за бришење на разликите, туку покана да ја прифатиме разновидноста како извор на заемно збогатување. Во ова настојување, „синергијата за иднината“ не е апстрактен слоган, туку жива реалност што веќе дава плодови. Историското собирање на верските лидери за молитва во Асизи во 1986 година, свикано од папата Јован Павле II, покажа дека не може да има мир меѓу народите без мир меѓу религиите. Понова потврда на тоа е Документот за човечкото братство за светски мир и заеднички живот, потпишан во Абу Даби во 2019 од мојот чесен претходник папата Франциско и големиот имам на Ал-Азхар, Ахмад Ал-Тајеб, кој нуди јасен план како религиската синергија може да го унапреди глобалниот мир и соживот. Овој ист дух го видовме и на последната сесија на Конгресот во 2022 година, каде што лидери на различни вери, меѓу кои и папата Франциско, се здружија за да го осудат насилството и екстремизмот, да се застапат за грижата за бегалците и да ги повикаат сите лидери на заедничка работа за мир. Овие високи заложби се одразени и преку конкретни дела: кога ќе се случат природни катастрофи, кога бегалците се принудени да бегаат, или кога семејства страдаат од сиромаштија и глад, верските заедници често се здружуваат, работејќи рамо до рамо за да донесат олеснување и надеж на оние што најмногу страдаат, рече Папата.

Традициите не ги бришат вредностите

Шеикот Мохамед бин Абдулкарим Ал-Иса, генерален секретар на Муслиманската светска лига, се осврна на глобалниот контекст на конгресот, потенцирајќи ги растечкото насилство и недовербата. Тој нагласи дека мирот треба да остане главна цел и ја пофали улогата на Казахстан во промовирањето на духовното лидерство. Тој ги повика лидерите одговорноста да ја претворат во конкретни дела, а не во симболични гестови.

-Верските лидери, со својот духовен авторитет, имаат длабоко влијание врз срцата и умовите на верниците. Нивното влијание е од големо значење за зајакнување на заедничките човечки вредности и принципи што нè обединуваат. Верското и духовното искуство се пренесува преку отвореност, дијалог и искреност. Оваа одговорност не е само симболична, ниту пак може да се мери со бројки или да се ограничи на формалности. Нашите вредности не избледуваат, дури и кога нашите догми и традиции се разликуваат. Она што нè обединува е заедничкиот човечки морал, универзална етика вкоренета длабоко во нашето битие, рече тој.

Газа – огледало на човештвото  

Тој се осврна и на ситуацијата во Газа, која ја опиша како „масовен геноцид“ и „систематска глад“, нарекувајќи ја срамота и споредувајќи ја со ужасите кои не се забележани уште од основањето на ООН.

-Она што се случува во појасот Газа — масовен геноцид и систематска глад, контролирана глад, од човечка перспектива е огромна срамота за светската заедница и тоа е нешто што нашиот свет не го видел уште од прогласувањето на Повелбата на ООН.“

Патријархот Теофил Трети од Ерусалим исто така изрази длабока загриженост за страдањата во Газа, опишувајќи ги како трагичен доказ за отсуството на дијалог и синергија. Тој повика на обновена посветеност на мирот и помирувањето во Светата земја.

Преку видео обраќање, Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, порача дека е потребно да градиме мостови во нашиот разединет свет, а верските лидери играат клучна улога во тоа.

-Обединетите нации се основани врз уверувањето дека дијалогот води до мир. Денес, таа вистина е поважна од кога било. Особено во време кога конфликтите, нееднаквостите, климатската криза и геополитичките поделби растат. Потребно е да градиме мостови во нашиот разединет свет. Токму тоа го правиме. Верските и духовните лидери се клучни во создавањето заедничка основа. Вашите учења ги воделе народите низ вековите, а денес вашите гласови можат да се спротивстават на нетолеранцијата и да внесат надеж, рече Гутереш во својата порака.

Гостин на Конгресот во Астана беше и поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов. Во своето обраќање на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, тој порача дека новите технологии и вештачката интелигенција носат и можности и предизвици за духовноста.

Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“ и дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет кој често нуди брзи, но празни одговори. Иванов нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.

Почит наместо толеранција

Иван Иванов, пак, претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Центар Алијанса на Цивилизациите (ICAC) – Скопје, кој имаше обраќање на Вториот форум за млади лидери во рамки на 8. конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, истакна дека иднината на мирот и хармонијата зависи од активното учество на младите како носители на нова енергија, идеи и визии. Тој предупреди дека современото општество се соочува со опасности од дигитална заробеност, губење на духовноста и зголемена нееднаквост и нагласи дека вистинската промена мора да започне со реформа на образованието кое ќе развива совест, креативност и морална одговорност.

Тој повика на обнова на духовноста и мудроста во политиката и на создавање општество кое ќе се темели на почит, солидарност и културна конкуренција во знаење и добрина. Со порака дека младите, во сојуз со мудроста на постарите генерации, можат да ја изградат иднината на светлина и заедништво, тој ги повика учесниците да изберат пат на мир и споделена цел, наместо пат на поделби и празнина. Тој се повика и на Гоце Делчев и неговата позната изрека: „Го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Во дискусијата, Иванов забележа дека наместо на толеранција, треба да се фокусираме на меѓусебна почит, бидејќи само така можеме да изградиме општество засновано на вистинска еднаквост и заедништво.

Главниот град на Казахстан, Астана, изминатите два дена беше домаќин на осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, со претседавање на претседателот Касим-Жомарт Токаев. Глобалниот меѓурелигиски форум собра повеќе од 100 делегации од околу 60 земји, вклучително и истакнати духовни лидери од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, научници и јавни личности.

Програмата започна на со 23. седница на секретаријатот, со која претседаваше претседателот на Сенатот, Маулен Ашимбаев, како и со специјална сесија на Алијансата на цивилизации на ОН за заштита на верските објекти.

Пленарната седница во средата се фокусираше на темата „Дијалог на религиите: Синергија за иднината“, по што следува дискусии по групи за глобалните предизвици. Настанот заврши со вториот Форум на млади религиозни лидери, фокусиран на вклучување на младите во промовирање на мирен соживот.

Конгресот на лидерите на светските и традиционалните религии е меѓународна платформа за дијалог меѓу верски лидери, создадена со цел промовирање на меѓу религиска толеранција, разбирање и мирен соживот меѓу народите и културите.

Првиот Конгрес се одржа во 2003 година во Астана, по иницијатива на првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев. Оттогаш, Конгресот се одржува на секои три години и претставува единствен форум каде што се собираат претставници од најголемите светски религии, како и од традиционалните духовни практики.

Конгресот привлекува големи духовни авторитети. Меѓу највпечатливите моменти е присуството на Папата Франциск на седмиот Конгрес во 2022 година, што беше првпат еден Папа да учествува лично на овој форум. За време на неговата посета, Папата одржа говор за мирот, верската слобода и дијалогот меѓу народите, и се сретна со голем број духовни лидери. Неговото присуство ја засили глобалната видливост и значење на Конгресот, и беше поздравено како историски момент за меѓурелигискиот дијалог.

Казахстан се позиционира како неутрална и мулти религиска држава, отворена за глобални иницијативи за мир. Со организирањето на овој Конгрес, земјата се претставува како дипломатски мост меѓу Истокот и Западот, и како активен промотор на верската толеранција и дијалог на светско ниво.  

 

Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА

Специјален дописник од Астана, Казахстан

ИЗДВОЕНИ