
На 12 јуни 2025 година, 260 лица ги загубија животите во ужасна авионска несреќа на „Ер Индија“. Само еден преживеан, Вишвас Кумар Рамеш (40), британски државјанин од индиско потекло, беше извлечен од запалените остатоци.
Иако јавноста го перцепира како „најсреќниот човек на светот“, за него чудото на преживување стана извор на огромно страдање – товар исполнет со физичка болка, длабока психолошка траума и финансиска пропаст, пишува „Економски тајмс“.
Речиси пет месеци по трагедијата, неговата исцрпувачка борба за враќање во нормалниот живот само што започна, откривајќи ја сложената и болна реалност скриена зад насловите.
Летот AI171, Боинг 787-8 Дримлајнер што леташе од Ахмедабад до аеродромот Гетвик во Лондон, трагично се урна неколку секунди по полетувањето.
Според прелиминарниот извештај од истрагата, авионот претрпел критичен дефект на системот за гориво, што предизвикало да се сруши во зградата на медицинскиот колеџ. Во несреќата загинаа 241 лице во авионот – патници и екипаж – и уште 19 други на земја.
Во хаосот од уништувањето, само Вишвас Кумар Рамеш излезе од остатоците во состојба на шок. Тој седеше на седиштето 11А, веднаш до излезот за итни случаи, што чудесно му го спаси животот. Сепак, го загуби својот помлад брат Аџај, кој седеше неколку реда подалеку и за кого вели дека бил негов „’рбет и најголема поддршка“.
Враќањето во семејниот дом во Лестер не донесе олеснување, туку соочување со последиците што се покажаа како подеднакво катастрофални како и самата несреќа.
На Вишвас му беше дијагностицирано тешко посттрауматско стресно растројство (ПТСН), а неговиот секојдневен живот беше исполнет со болни спомени и кошмари.
„Скршен сум. Седам сам во мојата соба, не разговарам со сопругата или синот. Трагедијата постојано ми се враќа“, им се доверил тој на медиумите. Тешките физички повреди на рамото, грбот и колената му го отежнуваат движењето, поради што е целосно зависен од помошта на сопругата Хирал. „Секој ден е болен за целото семејство“, истакнува таа, опишувајќи како нејзината свекрва, мајката на Вишвас, со месеци седи пред вратата, преплавена од тага поради загубата на нејзиниот помлад син.
Покрај емоционалното и физичкото страдање, семејството Рамеш се соочи и со целосен финансиски колапс. Нивниот семеен бизнис за риболов во Диу, кој Вишвас го водел заедно со неговиот брат, пропаднал. „Ер Индија“ му исплатила привремена отштета од 21.500 фунти (околу 25.000 евра), што според неговите адвокати е несоодветно со оглед на сложеноста на неговите долгорочни потреби. Неговиот портпарол, Рад Зајгер, јавно апелира до компанијата да обезбеди сеопфатен пакет помош за покривање на трошоците за специјалистички психолошки третман, физичка рехабилитација и обезбедување финансиска стабилност на семејството.
Дополнителен проблем се бирократските пречки во рамките на британскиот систем за јавно здравје (NHS), кој е лошо опремен да ја обезбеди итната и високо специјализирана грижа што му е потребна на Вишвас.











