Гимназијалецот Георги Николоски од Прилеп освои златен медал на престижното финале на „NEO Science Olympiad“, меѓународен натпревар – олимпијада, кое се одржа од 10.6 до 16.6.2025 година, во Њујорк, САД, а на кој учествуваат најпосветените натпреварувачи од целиот свет и надежните идни научници.
Гимназијалецот Георги Николоски, по кој знае кој пат, покажа дека е огромен талент на кој треба сите како општество да се гордееме.
-Оваа година на овој настан учествуваа повеќе од 550 натпреварувачи во повеќе категории. Особено значаен е фактот што јас ја имав шансата да учествувам и да ја претставам Македонија во најдобро светло. Во мојата категорија – природни науки (тест што се состои од проблеми од областа на физиката, хемијата и на биологијата), јас го освоив првото место, закитувајќи се со златниот медал. Помеѓу повеќе од 30 земји учеснички од целиот свет и само еден единствен натпреварувач од Македонија, на овој настан се докажа дека Македонија ѝ припаѓа на светската сцена и дека може да биде прва – напиша на „Фејсбук“ ученикот од прилепската гимназија „Мирче Ацев”.
Георги упати благодарност до сите компании, организации и до Општина Прилеп, кои го поддржаа неговото патување во САД и без чија поддршка немаше да биде постигнат овој успех.
– Оваа авантура беше остварена со огромна поддршка од моите роднини, пријатели и, пред сè, од родителите – нагласи Николоски.