Планинарскиот клуб „Голак“ на 31 август ќе го организира единаесеттиот традиционален планинарски марш „Голак 2025“, кој е на календарот за планинарски активности на Федерацијата за планинарство.
Овој планинарски марш ќе се одвива по маршрута што е маркирана пред 10 години, од страна на лиценциран маркацист и е ставена во регистарот на планинарски патеки во Федерацијата за планинарство за територијата на Општина Делчево.
Ќе се оди од: Град Делчево на 595 метри надморска височина – Ветровити Рид на 753 метри надморска височина – Богородичка Полјана на 900 метри надморска височина – Милосова Чешма на 1.040 метри надморска височина – Стари Голак на 1.300 метри надморска височина – спортски терени на 1.400 метри надморска височина – врв Чавка на 1.538 метри надморска височина – манастир „Свети Пантелејмон“, кој се наоѓа на врвот Мала Чавка на 1.508 метри надморска височина, наведуваат организаторите.
Собирањето на учесниците е предвидено во периодот од 7:30 до 7:55 часот. Тргнувањето е во 8:00 часот, од центарот на Делчево, кај паркингот зад црковниот храм „Свети Кирил и Методиј“, од каде што се продолжува кон врвот Чавка на 1.538 метри надморска височина. За 12:30 часот е предвиден ручек (планинарско гравче) со салата, кои се обезбедени од организаторот, а ќе бидат доделени и благодарници за учесниците. Во 14:30 ќе се тргнеа назад кон Делчево.
Враќањето ќе биде по друга патека, односно од спортските терени – Стари Голак – Долна Богданица на 946 метри надморска височина – Трајанов Рид на надморска височина од 730 метри – манастир „Света Богородица Балаклија“ на 650 метри надморска височина и Делчево.
Пријавувањето за учество е најдоцна до 28 август 2025 година.