Единаесет наши државјани чекаат евакуација од Тел Авив

59

Од МНР апелираат до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток каде што безбедносната состојба е сериозно влошена
По денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, сите летови кон и од Израел се откажани. Очекувањата се дека летовите ќе се обноват во текот на денот, во зависност од безбедносната состојба.

Согласно информациите добиени од амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив. Истата би можела да се реализира во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиМТ).

Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти.

„Потсетуваме дека, покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27. Меѓутоа, не сите се подготвени тоа да го направат веднаш“, соопштија од МНР.

Оттаму нагласуваат дека амбасадата во Тел Авив останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани, сè до нивната безбедна евакуација. Воедно, од МНР апелираат до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток каде што безбедносната состојба е сериозно влошена.

ИЗДВОЕНИ