Еден работник годишно прави 10 илјади евра профит, а добива минималец

Синдикатите деновиве повторно ја актуализираа темата околу распределбата на добивката. Повикувајќи се на податоци од Народната банка, тие велат дека еден работник заработува од 300 до 600 илјади денари годишно за својот работодавец, кој, пак, му дава минималец. Од друга страна, пак, работодавците за себе сметаат дека имаат големи трошоци и оти не се само платите, туку и други трошоци за компаниите, даноци, придонеси, инвестиции... Најголем проблем кај нас е што работниците прифаќаат работа со одредена плата, а потоа се жалат дека им се мали платите. Треба внимателно да ги разгледаат договорите за работа пред да ја прифатат работата, сметаат работодавците

211

Распределбата на добивката во компаниите кај нас сè уште е една од главните тема во дискусиите меѓу синдикатите, работодавците и економистите. И покрај тоа што работниците се клучен фактор за создавање профит во компаниите, сепак, поголем дел од неа завршува џебовите на газдите. Анализите покажуваат дека кај нас, две третини од добивката е профит за газдите, а само една третина оди за плати на работниците. Во Европската Унија, пак, ситуацијата е обратна, односно поголем дел од добивката оди за работниците за плати и за други надоместоци. Синдикатите деновиве повторно ја актуализираа темата околу распределбата на добивката. Повикувајќи се на податоците од Народната банка, тие велат дека еден работник заработува од 300 до 600 илјади денари годишно за својот работодавец, кој, пак, му дава минималец.

– Еден работник прави годишен профит од 10 илјади евра за еден работник. Работодавците се жалат дека нема кадар, а тоа е затоа што не ги плаќаат работниците соодветно на вложениот труд. Македонскиот работник е исто продуктивен и надвор од државата, но таму заработува три- четири пати повеќе. Но, не се само платите проблем, кај нас проблем се и условите за работа. Во градежништвото, не се води сметка за безбедноста на работното место и не се вложува доволно во заштитна опрема. Друг проблем е што се работи повеќе од осум часа и се исплаќа платата во плик. Сивата економија е длабоко навлезена во бизнисот и е проблем и за правилно вреднување на трудот на работникот – изјави Иван Пешевски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, не може работникот да му прави од 300 до 600 илјади денари годишно на работодавецот, а тој да му дава минималец.

Од друга страна, пак, работодавците сметаат дека имаат големи трошоци и оти не се само платите туку и други трошоци за компаниите, даноци, придонеси, инвестиции…

– Треба да се направи детална анализа на завршните сметки на работодавците и да се види колкав дел од добивката оди за профит за работодавците, колку за трошоци за компанијата како плати, придонеси, инвестиции… Најголем проблем кај нас е што работниците прифаќаат работа со одредена плата, а потоа се жалат дека им се мали платите. Треба внимателно да ги разгледаат договорите за работа пред да ја прифатат работата. Ако во приватниот сектор има повеќе работници што членуваат во синдикатите, ова ќе биде пореално. Бројките покажуваат дека само 5 отсто од вкупно 550 илјади работници кај нас се членови на синдикат. Друга работа е што во приватниот сектор, поради намалување на бројот на работници, нема поголемо отпуштање од работа, ако си замине некој работник од работа, тоа не е само поради платата туку и поради други услови на работа – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, неодамна истакна дека работната сила е најголем ресурс и мора да има одржлив баланс кога се работи за платите.

– Треба да научиме дека треба да работиме за да земеме плата. Треба да креираме ситуација на работење во општеството. Во приватните компании, секој оној што работи добро и е квалитетен, зема голема плата. Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на зголемувањето на сите други плати, а малите и средните компании нема да може да го издржат тој товар, бидејќи не се профитабилни колку големите компании – изјави Ѓорѓиевски.

Според статистичките податоци на ниво на ЕУ, дури 60-65 отсто од новосоздадената вредност оди за плати и за други надоместоци за вработените, а само 35-40 отсто за бруто-добивка. Приближно на 3 новосоздадени евра – 2 присвојуваат работниците за трудот, а едно сопствениците на капитал за профит. Во Македонија, тој однос е обратен, кај нас само 40 отсто одат за плати на работниците, а над 60 отсто за сопствениците на капитал.

Економистите сугерираат дека овој модел на распределба придонесува за постабилна економија и за подобро општество. Во Македонија, синдикатите и економистите се согласуваат дека е потребен нов социјален договор.

Тие апелираат за прераспределба на добивката, која ќе го вреднува трудот на работникот и ќе обезбеди подобри услови за живот. Праведната распределба на добивката не е само економско прашање туку и прашање на социјална правда. Време е за дијалог и за акција, кои ќе водат кон економија што работи за сите, а не само за неколкумина.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ