Им нема крај на навивачките инциденти што се случуваат на спортските натпревари во Македонија, а еден таков беше забележан изминатиот викенд. Последниот во Куманово е во полициска процедура, за идентификација и пронаоѓање на сите лица што учествувале во пресметката.

Инцидентот се случил во неделата, по кошаркарскиот натпревар меѓу Куманово и Пелистер, на кој победил гостинскиот тим со 84:79. Тогаш дошло до физичка пресметка помеѓу двете навивачки групи, при што бил приведен еден навивач, поради оштетување возила. Инцидентот се случил околу 21:00 часот, во спортската сала во Куманово, а продолжила и надвор.

Според информациите од кумановската полиција, веднаш по завршувањето на натпреварот, настанала масовна тепачка меѓу двете навивачки групи, при што биле нападнати и полициски службеници, кои се обиделе да воспостават ред.

  • Забележано е лицето К. Ж. како оштетува неколку возила на гостинскиот клуб, со тврд предмет. Тоа беше приведено веднаш по интервенцијата, а случајот е целосно документиран – информираа од СВР Куманово.

Станува збор за 23-годишно лице од Куманово.

  • Во тек е постапка за утврдување на учесниците во групната пресметка и ќе следуваат соодветни пријави – велат од МВР.

Инаку, ова е само еден во низата скандали што се случија изминатиов период на спортските натпревари. Најголемиот инцидент беше во Штип. Тогаш, родител на еден од гостинските фудбалери од Шкупи нападнал двајца малолетни играчи на Брегалница и почнал да ги удира со тупаници. Двете деца се здобиле со набиеници и со скршеници на носот, без дислокација. Инцидентот доби судски епилог. Таткото тепач прво доби мерка притвор од страна од судот, а потоа и затворска казна од осум месеци.

Исто така, изминатиов период, на спортските натпревари се случија уште неколку неспортски настани. Неодамна, играч на ФК Аеродром добил „добар“ ќотек од играчите и од службените лица од ФК Беса бидејќи ѝ се радувал на победата, а потоа, на фудбалскиот меч меѓу прилепска Победа и Шкендија Арачиново, во рамките на Втората македонска лига, редарите и полицијата, за среќа, спречиле поголем инцидент.  (К. Т.)

ИЗДВОЕНИ